Најавата дека во 2026 година ќе нема повеќе субвенции за „две крави и мала нива“ ја отвори старата рана во македонското земјоделство: дали државната поддршка треба да биде социјална мерка или инструмент за развој на вистинско производство.
Министерот Цветан Трипуновски ја претстави новата програма за субвенционирање, со јасна порака дека условите се заоструваат и дека фокусот се пренасочува кон оние што имаат комерцијално производство.
Според него, системот со години се користел и за нешто сосема друго, не за производство, туку за прибирање средства без реален учинок. Посебно проблематично било сточарството, каде, како што рече, се детектирани бројни злоупотреби.
„Не можеме повеќе да дозволиме пари да одат кај фиктивни производители. Поддршката мора да стигне до оние што навистина произведуваат и пласираат на пазарот“, изјави министерот, потенцирајќи дека новите критериуми ќе значат повисок праг за минимално производство и појасни докази за активност на терен.
Во руралните средини реакциите се поделени. Дел од малите земјоделци велат дека ова е директен удар врз семејните стопанства кои со години преживуваат на работ на исплатливоста.
Еден земјоделец од источниот дел на земјата, кој обработува неколку декари земја и чува неколку грла добиток, вели дека субвенциите не му биле профит, туку „тампон за лоша година“.
Ако се укинат, прашува, што останува?
„Ние не сме фабрики. Ние сме луѓе што работат со раце, со семејството… Ако не влегуваме во новите критериуми, ќе мора да ставиме клуч“, вели тој.
Од друга страна, агроекономски аналитичари оценуваат дека системот долго време бил фрагментиран и дека поддршката се распарчувала на илјадници мали корисници без реален развоен ефект.
Според нив, ако целта е модернизација и зголемување на конкурентноста, државата мора да ја концентрира помошта кај производители што имаат обем, капацитет и пласман.
„Социјалната компонента е важна, но не може аграрната политика да се сведе само на социјален трансфер. Ако сакаме извоз и стабилно домашно производство, мора да има јасни стандарди“, велат познавачи на состојбите.
Во сточарството, кое беше директно посочено како проблематично, се споменуваат случаи на пријавување грла кои не постоеле или биле формално заведени, но без реално производство.
Експерти од областа велат дека токму тука довербата во системот била најразнишана.
„Кога вистински производител гледа дека некој друг зема иста или слична поддршка без да произведува, тоа создава фрустрација. И демотивира“, велат тие.
Но прашањето останува отворено. Што ќе се случи со оние што имаат по две крави и неколку реда пченица, не затоа што сакаат да ја злоупотребат државата, туку затоа што тоа им е единствена можност да останат на село?
Дел од руралните здруженија предупредуваат дека новите мерки може дополнително да ја забрзаат миграцијата кон градовите или во странство.
„Не сите можат да станат комерцијални производители преку ноќ. Некои едноставно немаат капитал“, велат претставници на здруженија на мали фармери.
Во Министерството уверуваат дека реформата нема да биде шок терапија, туку постепен процес со јасни транзициски механизми.
Се најавуваат и дополнителни програми за здружување, кооперативи и заеднички настап на пазарот, како начин малите да добијат поголема тежина.
Сепак, деталите допрва ќе се кристализираат, а праксата ќе покаже дали новиот систем ќе ги „исчисти“ злоупотребите без да ги оттурне оние што едвај опстануваат.
Аграрната политика, велат упатените, секогаш е чувствителна. Тука бројките не се само статистика, туку живот на семејства, кредити, оброци… и тивка борба да се остане на своја земја.
Дали заострувањето на условите ќе донесе правичност и ефикасност или ќе создаде нова линија на поделба меѓу „вистински“ и „невидливи“ земјоделци, ќе се види многу брзо. До тогаш, на терен владее неизвесност. И малку горчина.
Б.З.М.



