Европската Унија ги отфрли сите предлози на превозниците од Западен Балкан, со кои би се решил проблемот со нивниот престој во Шенген зоната, и истакна дека превозниците донеле одлука повторно да ги блокираат товарните премини, но дека точниот датум на новите блокади засега не е познат.
Компромисите што беа испратени до Европската комисија на последниот состанок од властите од регионот на Западен Балкан и превозниците беа отфрлени со коментари „дека се невозможни, премногу креативни и спротивни на Шенгенското право“, додека беше предложено возачите да го пријават своето живеалиште во една од поблиските земји-членки на ЕУ, што беше неприфатливо за превозниците.
Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора во периодот од 26 до 30 јануари блокираа премини за товарен сообраќај поради строгите правила на ЕУ за престој во Шенген зоната.
Превозниците во Западен Балкан ги прекинаа блокадите на товарните премини откако Европската комисија почна да ја разгледува можноста за воведување специјални визи за професионалните возачи на камиони, што би им овозможило да останат подолго во земјите од ЕУ и непречено да ја извршуваат својата работа.
Новиот систем за влез и излез строго го ограничува престојот на возачите од земјите надвор од ЕУ на 90 дена во период од 180 дена, па поради природата на нивната работа, професионалните возачи многу брзо го достигнуваат овој лимит, по што им се заканува депортација или забрана за влез во ЕУ.
Превозниците претходно предупредија дека примената на правилото 90 од 180 дена за професионалните возачи, исто така, ја загрозува нивната работа и опстанокот на транспортните компании во земјите од Западен Балкан.
Во предложената стратегија на Европската Унија за визи, чија работна верзија беше презентирана на 29 јануари во Брисел, се наведува дека професионалци од трети земји, како што се возачи на камиони, уметници на турнеи, спортисти кои присуствуваат на спортски настани, експерти кои работат на прекугранични проекти, работна сила што ги поддржува индустриите и услугите на ЕУ, имаат потреба да останат во ЕУ подолго од дозволениот лимит, без намера за трајно населување.



