ПочетнаЕКОНОМИЈАОва се клучните причини за потфрлањето на буџетот лани!

Ова се клучните причини за потфрлањето на буџетот лани!

Институтот за економски анализи и политики Finance Think, објави истражување во кое се анализира извршувањето на Буџетот за 2025 година. Анализта открива дека постои сериозно потфрлање во однос на тоа што е  планирано, односно  вкупните буџетски приходи биле реализирани на 92%, а даночните приходи на 96% од планираното.

Од Институтот Finance Think велат дека  овој јаз меѓу проекциите и реализацијата ја отвори дилемата дали буџетот се соочува со ликвидносни притисоци, дали проекциите биле претерано оптимистички, или пак наплатата потфрла поради структурни слабости во економијата и фискалниот систем. Нивната препорака до вастите е, наместо да се третира како привремено отстапување, ваквиот исход сугерира подлабок проблем во кредибилитетот на буџетското планирање и во начинот на кој се читаат реалните капацитети на економијата.

Во последната деценија фискалната политика се одвива во средина обележана со зголемена неизвесност, акумулирани структурни слабости и растечки очекувања кон државата како носител на економска и социјална стабилност, сметаат експертите. И покрај формалното воведување фискални правила и среднорочни буџетски рамки, практиката на буџетско планирање и понатаму покажува ограничена конзистентност меѓу проекциите и реализацијата. Честите ревизии на фискалните стратегии, ребалансите и отстапувањата од првично поставените цели создаваат впечаток на фискална политика што се води повеќе реактивно отколку врз основа на стабилна и предвидлива рамка.

„Во ваков контекст, јавната дебата за состојбата на буџетот често се движи меѓу две крајности: аларм за наводни ликвидносни проблеми, од една страна, и минимизирање на отстапувањата како привремени или технички, од друга. Ваквата поларизација го отежнува суштинското разбирање на фискалните движења и ја пренасочува дискусијата од квалитетот на планирањето и извршувањето кон краткорочни наративи. Оттука, потребно е буџетските резултати да се согледуваат низ поширока фискална перспектива, со фокус на нивната структура, динамика и усогласеност со поставените правила и економски реалности“, се наведува во извештајот на ФТ.

Наодите од анализата укажуваат и  дека потфрлањето на буџетските приходи во 2025 година не може да се сведе на слабеење на економската активност, туку е поврзано со начинот на кој се поставуваат и калибрираат приходните проекции. Експертите додаваат и дека систематското отстапување меѓу планираното и оствареното, заедно со повторливата негативна грешка во иницијалните проекции, упатуваат на ограничена способност на фискалната рамка да ја апсорбира неизвесноста без да создаде притисоци врз извршувањето на буџетот.

Во анализата на структурата на приходите и на динамиката на бруто и нето ДДВ се покажува дека дел од фискалните притисоци се управуваат преку временски поместувања и ликвидносни механизми, наместо преку усогласување на проекциите со реалната даночна база. А тоа покажува дека ваквиот пристап може привремено да го олесни извршувањето на буџетот, но ја зголемува изложеноста на идни ризици и ја намалува транспарентноста на фискалната позиција. Оттука, резултатите укажуваат на потребата фискалното планирање да се темели на пореалистични и поконзервативни претпоставки, со цел да се зајакне кредибилитетот и предвидливоста на буџетската политика.

„Потфрлањето на буџетските приходи во 2025 година не претставува изолиран инцидент, ниту може да се објасни првенствено преку слабеење на економската активност. Напротив, динамиката на даночната база, особено кај ДДВ, укажува на солидна номинална активност, додека потфрлањето во реализацијата на приходите произлегува од комбинација на оптимистички поставени проекции, структурни слабости во одредени даночни категории и управување со ликвидноста преку временски поместувања. Историската грешка во приходните проекции дополнително потврдува дека 2025 година е дел од подолг образец на преценување на приходниот потенцијал. Оттука, дебатата за буџетските предизвици треба да се насочи кон квалитетот и кредибилитетот на фискалното планирање, а не кон наративи за влошување на економијата“, заклучуваат од институтот ФТ.

Од ФТ препорачуваат властите да воведат поконзервативно калибрирање на приходните проекции, при изработка на иницијалниот буџет, приходните проекции треба да се темелат на поумерени претпоставки за еластичноста на даночната база, со јасно разграничување меѓу трајни и прривремени извори на раст. Потоа, подобро разграничување на структурни и временски приходи. Буџетските документи кои треба појасно да ги разликуваат приходите што произлегуваат од економската активност од оние што се резултат на временски поместувања, еднократни ефекти или управување со ликвидноста, особено кај ДДВ. Трето, да се зајакне транспарентноста околу повратите на ДДВ, редовното и детално објавување на податоци за динамиката и задоцнувањата на повратите на ДДВ би придонело за појасна проценка на вистинската фискална позиција и за намалување на неизвесноста кај економските субјекти. И последно, да се воведе формален преглед на проекциските отстапувања, односно  систематска ex-post анализа на разликите меѓу планираните и остварените приходи би овозможила институционално учење и постепено подобрување на кредибилитетот на фискалното планирање.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП