Германскиот канцелар Фридрих Мерц влезе во контроверзен политички судир со околу 46 милиони вработени, пишува „Политико“. Во последниве недели Мерк постојано тврди дека Германците не работат доволно и дека пречесто одат на боледување, што според него го успорува економскиот раст.
Таквата порака доаѓа во чувствителен политички момент. Годината е пред регионалните избори, а политичкиот статус на Мерц и неговата партија е поврзан со економските перформанси на државата, особено во време кога растечката крајна десница станува сериозен предизвик.
Мерц не го криеше својот критички тон. На неодамнешен говор пред претставници на индустријата во источна Германија, тој порача дека „вкупната продуктивност на нашата економија не е доволно висока“ и посочи дека работата со скратено работно време е дел од проблемот.
„За да бидам уште појасен: рамнотежата помеѓу работа и приватен живот и четиридневна работна недела нема да бидат доволни за одржување на сегашниот животен стандард. Затоа мораме да работиме повеќе“, рече тој.
Во текот на предизборен собир во југозападната покраина Баден-Виртемберг, каде што неговата партија води во анкетите пред изборите на 8 март, Мерц јавно го критикуваше бројот на денови кои Германците ги користат за боледување — во просек околу три недели годишно, што е значително над просекот на Европската Унија.
„Дали тоа навистина е исправно? Дали тоа навистина е неопходно?“, праша тој, потенцирајќи дека треба да се разговара за тоа како да се создадат подобри стимули луѓето да работат наместо да одат на боледување кога се болни.
Мерц не пропушти да го искористи примерот со Грција. Обраќајќи се до Германците, тој рече: „На сите во Германија кои мислат дека е страшно и неразумно да работат 40 часа неделно, им препорачувам… да погледнат како работат во Грција. Во тоа гледам што можеме да научиме од нив.“
Ова предизвика голема реакција во јавноста, многумина ја критикуваа изјавата на Мерц како неразумна и покровителска, а на социјалните мрежи неговите зборови беа предмет на исмевање и меми.
Причината за овој судир е сложена: Германија со години има еден од најниските просечни број на работни часови во Европската Унија, а голем дел од работниците работат на скратено работно време. Мерц и неговата партија предложија мерки за зголемување на работните часови, вклучително и укинување на „правото“ на неполно работно време, што наиде на силен отпор.
Оваа дебата се одвива и во време кога Германија се соочува со економски предизвици, вклучувајќи и недостиг на квалификувана работна сила и забележителна стапка на невработеност.



