ПочетнаЕКОНОМИЈАВо македонските хотели повеќе спијат странци отколку домашни туристи!

Во македонските хотели повеќе спијат странци отколку домашни туристи!

Продолжуваат негативните трендови во македонскиот туристички сектор кога станува збор за македонските туристи и посетата на домашните туристички локалитети, а со тоа и престојот во сместувачките капацитети низ државата. Официјалните податоци велат дека во текот на ланската година има намалување на бројот на домашни туристи кои престојувале во македонските хотели во однос на 2024 година. Но тоа не е случај и за странците, нивниот број се зголемува. Во периодот од јануари до декемви лани во земјава ноќевале нешто чповеќе од 1,6 милиони странски гости.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот од јануари до декември лани во Македонија имало за 4,9 отсто помалку ноќевања од страна на домашни гости во однос на 24та. Кога станува збор за туристите од странство кои доаѓаат и престојуваат во земјава нивниот број е во позитива, односно во анализираниот период тој е на ниво од 6,4 отсто повеќе.

„Во декември 2025 година, од вкупниот број туристи, 36.7 % се домашни, а 63.3 % се странски туристи.  Бројот на ноќевањата во декември 2025 година изнесува 112 001, од кои 42.4 % се од домашните туристи, а 57.6 % од странските туристи. Во периодот јануари – декември 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 6.0 %, односно кај домашните туристи има намалување за 2.2 %, а кај странските има зголемување за 10.3 %. Во периодот јануари – декември 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на ноќевањата е зголемен за 0.8 % така што кај домашните туристи има намалување за 4.1 %, а кај странските има зголемување за 6.4 %“, се наведува во извештајот на ДЗС.

Во однос на државите од каде доаѓаат, најбројни се туристите од регионот. Предничат гостите од Турција, но веднаш зад нив по бројот се и туристите од Бугарија, Србија и Грција.

Туристичките работници и натаму бараат модел кој ќе ги увери домашните туристи дека и во Македонските хотели има добра услуга и понуда на која треба да и се даде шанса. Дека земјава нема море, тоа навистина е голема слабост во однос на државите од опкружувањето каде македонските туристи најчесто решаваат да летуваат како Грција или Албанија. Но проблематични се и зимските месеци каде наместо на Шар Планина, Маврово или на Пониква, македонските туристи заминуваат на Копаоник во Србија или во Банско – Бугарија.

Дека недостасуваат инвестиции во туризмот, тоа неколкупати го потенцираа домашните експерти од областа на овој дел од економијата, а тоа можеби и е еден од клучните проблеми и причини зошто домашните туристи ги заобиколуваат домашните туристички локалитети и решаваат своето слободно време да го поминат надвор од границите на земјава.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП