ПочетнаЕКОНОМИЈАЛегализација и за поновите диви објекти, но по повисока цена?

Легализација и за поновите диви објекти, но по повисока цена?

Рокот за легализација на дивоградбите повторно се поместува. Владата предлага уште пет години, односно продолжување до 2031 година, за да се завршат постапките за објектите изградени до 2011 година. Формално, измените не отвораат нова врата за нови барања, туку се однесуваат исклучиво на оние граѓани кои веќе поднеле документација и со години чекаат разрешница.

Од парламентарното мнозинство појаснуваат дека станува збор за „техничко продолжување“ со цел да не се прекинат илјадници предмети кои се наоѓаат во различни фази на постапка.

Според нив, актуелниот рок истекува во март 2026 година, а доколку не се интервенира, предметите што сè уште се во процедура би биле затворени по сила на закон, без оглед на тоа каде заглавиле. А заглавени се, велат, најчесто во судови, во имотно правни спорови, во наследнички расправи, во недоразјаснети сопственички односи.

Општините, кои се на првата линија на оваа административна битка, тврдат дека во некои средини и до половина од вкупно поднесените барања не се финализирани.

Дел од предметите, според локалните власти, се нецелосни поради недоставени елаборати или дополнителна документација. Други, пак, се предмет на судски постапки во кои повеќе лица бараат легализација на ист објект.

„Жива материја“, велат од локалната самоуправа, алудирајќи на сложеноста и променливоста на ситуациите на терен.

Во ЗЕЛС посочуваат дека бирократските процедури и бавните судски процеси се клучната причина зошто стотици предмети со години стојат во фиоки. Според нив, чистите случаи, оние што ги исполнуваат сите законски услови, одамна се решени. Останале најкомплицираните, токму оние за кои е потребно дополнително време.

Од друга страна, власта уверува дека простор за злоупотреби нема. Продолжувањето не се однесува на новоизградени објекти, туку само на оние што веќе влегле во постапка во рамките на законскиот рок од 2011 година. Доколку документацијата е нецелосна, се бара дополнување. Доколку не се исполнуваат условите, барањата се одбиваат. Барем така гласи објаснувањето.

Но, надвор од институционалната рамка, расправата добива поинаква димензија. Дел од граѓаните и поединечни стручни лица сметаат дека законот треба да се прошири и на објекти изградени по 2011 година.

Геодет од Скопје вели дека би било поискрено државата да понуди можност за легализација и на поновите дивоградби, но по значително повисока цена. Наместо симболичното едно евро по квадрат, да се утврди тарифа што ќе има и санкциски карактер.
„Има повеќе викенд куќи на периферијата што веќе стојат изградени. Ниту реално можат да се урнат, ниту можат да добијат имотен лист. Вака остануваат во правен вакуум“, вели тој.

Според овој став, државата со години испраќа порака дека дивоградбата, на крајот, ќе се амнестира. Продолжувањето на рокот по трет или четврт пат, велат некои аналитичари, ја релативизира идејата за владеење на правото. Ако законот кој требаше да биде времен и исклучителен важи две децении, тогаш прашањето е дали станува збор за исклучок или за правило.

Законот за легализација беше донесен во 2011 година како еднократна можност за расчистување на хаосот во урбанистичкиот систем. Доколку измените се усвојат и рокот се продолжи до 2031 година, законот ќе биде активен вкупно 20 години. Две децении во кои државата се обидува да го затвори прашањето на дивоградбите, а истовремено секое ново пролонгирање отвора нова дилема.

Дали ова е последно продолжување или само уште едно одлагање на конечното расчистување?

Одговорот засега останува нејасен. Јасно е само дека проблемот не е само правен, туку и политички, социјален, па и морален. А додека институциите бараат баланс меѓу реалноста на терен и принципите на системот, илјадници граѓани и понатаму чекаат парче хартија што ќе им го потврди сопствеништвото. И чекаат. И уште чекаат.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП