Официјалните податоци на Министерството за финансии покажуваат дека со полна пареа започна годината во однос на реализацијата на капиталните инвестиции. Во државната каса повеќе пари излегуваат, помалку влегуваат, а се зголемува и долгот на државата.
Заклучно 6.2 2026 година реализацијата на капитални инвестиции надмина 15 проценти, што претставува добар старт во однос на планираното. Податоците на ресорното министерство покажуваат дека од почетокот на годинава до сега за капитални проекти од државната каса се потрошени 6 милијарди 265 милиони денари.
Во однос на приходната страна, засега само осум отсто од планираното е собрано, односно во апсолутни бројки тоа изнесува речиси 30 милијарди денари.
Што се однесува до расходите, на стартот на годината податоците велат дека повеќе трошиме отколку што собираме пари. За расходи од први јануари до 6ти месецов се потрошени скоро 12 отсто или речиси 50 милијарди денари.
Тоа што можеби загрижува во моментов е состојбата со долгот на државата. Последните објавени податоци на министерството за финансии покажуваат дека долгот е на ниво од 51,8 отсто или тој веќе достигна 8,7 милијарди евра.
Ззасега и експертската јавност и бизнис заедницата имаат поделени ставови за тоа како ќе се движи македонската економија во текот на 2026 година. Никој не сака ниту да помисли дека годинава може да биде изборна со оглед на фактот дека тоа ќе ја парализира на неколку месеци целата динамика во стопанството па и во институциите. Се уште се присутни ризиците кои демнеат од надвор, а се резултат на геополитичките случувања и движењета на берзите, особено на енергенсите и на храната.
Тоа што е потребно во моментов според инволвираните, е предвидлива бизнис клима и ефикасна администрација која ќе помогне да се реализираат плановите на бизнисот, а со тоа ќе се овозможи и прибирање на даночни средства во државната каса.
И.П



