Економските трошоци за Германија од тековните кризи во последните години изнесуваат вкупно 940 милијарди евра, покажува студијата на Германскиот економски институт (IW), објави ДПА.
Студијата го опфаќа шестгодишниот период од 2020-та година до сега и ги пресметува загубите како ценовно прилагоден бруто домашен производ (БДП).
Според експертите, ова е еквивалентно на загуба на додадена вредност од повеќе од 20.000 евра по вработен поради пандемијата на Ковид, последиците од војната на Русија во Украина и конфронтациската политика на Соединетите Американски Држави, додаде германската новинска агенција.
Околу една четвртина од вкупните загуби се должат на минатата година, која беше обележана со трговски спорови со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Според официјалните бројки, германската економија избегна трета година по ред без економски раст во 2025-та година, при што реалниот бруто домашен производ порасна за 0,2 проценти.
„Тековнава деценија досега беше обележана со вонредни шокови и огромни оптоварувања на економското прилагодување кои веќе значително го надминуваат нивото на стрес во претходните кризи“, рече Михаел Гремлинг, истражувач во Германскиот економски институт.
За споредба, економските трошоци од периодот на стагнација помеѓу 2001-ва и 2004-та година изнесуваа околу 360 милијарди евра во реални услови, а финансиската криза од 2008-2009 година резултираше со губење на додадена вредност од околу 525 милијарди евра, додаде ДПА.



