„Porsche“ би можел да го прекине развојот на електричните спортски модели „718 Cayman“ и „Boxster“, велат извори блиски до компанијата.
Според информациите објавени од „Bloomberg“, проектот се соочува со растечки трошоци и сериозни доцнења во развојот, поради што новиот менаџмент размислува за целосно откажување.
Новиот извршен директор на „Porsche“ ја презеде функцијата на 1-ви јануари 2026-та година, и токму тој, според изворите, ја разгледува иднината на електричната верзија од познатата серија „718“.
Производството на претходната генерација на „Cayman“ и „Boxster“ заврши во октомври, со план за воведување на електрични верзии оваа година.
Сепак, проблемите беа наговестени уште кон крајот на 2024-та година, кога еден од инженерите изјави дека проектот „сериозно доцни“. Понатамошни компликации се појавија во мај минатата година, кога развојот наводно беше привремено запрен поради банкротот на „Northvolt“, еден од клучните добавувачи на батерии.
Во септември, „Porsche“ потврди дека следната генерација „718“ ќе ги задржи моторите со внатрешно согорување. Овие модели, според плановите во тоа време, ќе го заземат врвот на понудата, над електричните верзии – кои сега, според сите извештаи, можеби никогаш нема да стигнат до пазарот.
Доколку оваа информација се потврди, а „Porsche“ сè уште официјално не коментираше за ова прашање, тоа би бил јасен сигнал дека дури и брендовите со силен спортски идентитет го преиспитуваат темпото и исплатливоста на целосната електрификација.



