Швајцарската банка „UBS Group AG“ објави поголема од очекуваната добивка за четвртиот квартал и објави програма за откуп на акции од 3 милијарди долари до 2026-та година со простор за проширување, објави „Bloomberg“.
Банката ги задржа своите финансиски цели за 2028-ма година, вклучувајќи го и очекуван поврат од 18% на капиталот „Tier 1“.
Нето добивката за кварталот изнесуваше 1,2 милијарди долари, во споредба со прогнозата од 967 милиони долари.
Најголемата банка во Швајцарија се соочува со клучна година бидејќи ја завршува интеграцијата на „Credit Suisse“, додека се бори против потенцијално зголемување на капиталот од 26 милијарди долари и се соочува со реконструкција на раководството. „UBS“ продолжува да бара наследник на главниот извршен директор Серџо Ермоти пред неговото очекувано заминување на почетокот на следната година.
Плановите за откуп на акции се на нивоата од 2025-та година, иако банката изјави дека има „цел да направи повеќе“ под услов „швајцарските регулативи да се разјаснат“ и капиталните барања да останат непроменети.
„UBS“ планира да понуди дивиденда од 1,10 долари по акција за 2025-та година.
Но, приливот на пари во нејзината клучна единица за управување со богатство падна на 8,5 милијарди долари, што е далеку под прогнозата од 27,4 милијарди долари, а профитот пред оданочување беше помал од очекуваното. Трговците и дилерите во инвестициското банкарство ги надминаа проценките, зголемувајќи го профитот пред оданочување на 640 милиони долари.
На регулаторен фронт, „UBS“ се обидува да го ублажи планот на швајцарската влада за воведување нови правила што би ја принудиле да го изолира својот домашен бизнис од потенцијални загуби во странство.
Овие лобирачки напори неодамна добија одредена поддршка меѓу политичарите од центарот и десницата, иако законот што владата го подготвува оваа година ќе биде клучен. Швајцарската влада очекува банката на крајот да биде принудена да ги прифати повеќето од нејзините барања, објави „Bloomberg“ минатиот месец.
„UBS“ објави 457 милиони долари дополнителни трошоци поврзани со интеграцијата по купувањето на 8,5 милијарди долари долг издаден од „Credit Suisse“.
Серхио Ермоти планира да се повлече од функцијата извршен директор на банката до крајот на 2026-та година или почетокот на 2027-ма година. Претседателот Колм Келехер ја изнесе идејата Ермоти да го наследи во одреден момент. Можни внатрешни кандидати за замена на Ермоти се Александар Ивановиќ, кој го води одделот за управување со средства на швајцарската банка; ко-раководителите за управување со богатство, Икбал Кан и Роберт Карофски; и главната оперативна директорка Беатрис Мартин.



