Иако просечната инфлација на храната во Европската Унија во 2025 година формално изгледаше умерено, зад таа бројка се кријат сериозни разлики – и меѓу земјите, и меѓу самите производи.
Според податоците, цените на храната во ЕУ во 2025 пораснале во просек за 2,8 отсто во однос на претходната година. Но тој просек, како и многупати досега, повеќе замаглува отколку што објаснува.
Во дел од Европа, особено во источниот и југоисточниот појас, граѓаните ја чувствуваа инфлацијата многу поинтензивно. Внатре во Унијата, највисок раст на цените на храната е регистриран во Романија – 6,7 отсто, а слични стапки, меѓу четири и седум проценти, биле забележани и во Бугарија, балтичките земји и дел од Балканот.
Аналитичарите оценуваат дека овие региони се уште се почувствителни на шокови кај енергенсите, транспортот и суровините, а тоа директно се прелева во маркетите.
Надвор од ЕУ, ситуацијата во Турција е драстично поинаква. Таму цените на храната во 2025 година скокнале за дури 32,8 отсто, што, според економските познавачи, е само симптом на подлабоките и подолготрајни инфлаторни проблеми во земјата. Наспроти тоа, Швајцарија беше единствената европска држава каде што храната поевтинела, и тоа за 1,1 отсто, додека на Кипар цените практично стагнирале.
Кај големите економии на Унијата, сликата е посмирена, но не и идентична. Франција се издвојува со најниска инфлација на храната – само 0,7 отсто, една од најниските стапки во цела Европа.
Германија и Шпанија се движеле околу 2,1 отсто, додека Италија имала нешто повисок раст, од 2,5 отсто.
„Ова покажува колку националните политики и структурата на пазарите влијаат врз цените“, коментираат економски експерти, со забелешка дека просекот на ЕУ често создава лажно чувство на стабилност.
Кога се гледа поединечно, производ по производ, приказната станува уште поостра.
Од 64 основни прехранбени производи, кај осум е регистриран пад на цените, кај еден стагнација, а кај сите останати – раст. И не било каков.
Чоколадото е апсолутен рекордер, со поскапување од 17,8 отсто на ниво на ЕУ. Следуваат смрзнатото овошје со 13 отсто и говедското и телешкото месо со околу 10 отсто.
Јајцата, маслото и јагнешкото и козјото месо исто така бележат силен раст, што директно го погодува секојдневниот буџет на домаќинствата.
„Луѓето можат да се откажат од луксуз, но не и од јајца, млеко или месо… тука болката е најголема“, велат познавачи на пазарот, додавајќи дека токму кај овие категории инфлацијата најдиректно се чувствува.
Пораснале и цените на шеќерот, медот, џемовите, млекото, коренестиот зеленчук, свежото и конзервираното овошје, маслата, живинското месо, сувото овошје и јаткастите плодови – листата е долга и не остава многу простор за оптимизам.
Сепак, има и редок здив на олеснување. Маслиновото масло поевтинело за дури 22,9 отсто, по екстремниот раст во претходните години. Цените на шеќерот паднале за 11 отсто, на маслата и мастите за 5,4, а на компирот за 5,2 отсто. За некои семејства, тоа е мала утеха, но… барем нешто.
Разликите меѓу земјите стануваат уште поизразени кога се анализираат истите производи. Чоколадата, на пример, поскапела за повеќе од 30 отсто во Полска, Литванија и во Естонија, додека во Албанија растот бил симболичен, околу еден отсто.
Кај смрзнатата храна, инфлацијата варирала од два отсто на Исланд до неверојатни 32 отсто во Естонија. Говедското месо во Холандија, Хрватска и Летонија поскапело за повеќе од 20 отсто, додека во Франција и Италија растот бил значително помал.
Јајцата се посебна приказна. Во Чешка, Словачка, Португалија и Унгарија, цените скокнале за 20 до 29 отсто, додека во други земји растот бил минимален, а некаде дури и негативен.
Слични контрасти се забележуваат и кај маслото, јагнешкото и козјото месо, каде што просекот на ЕУ крие екстреми што граѓаните ги чувствуваат секојдневно, на каса.
Заклучокот е прилично јасен, иако не пријатен. Просечната европска инфлација на храната можеби изгледа под контрола, но реалноста е фрагментирана, нерамномерна и често сурова.
А кога статистиката ќе се претвори во сметка од супермаркет… тогаш бројките престануваат да бидат апстрактни.
Б.З.М.



