Со години државата ги туркаше граѓаните кон пелетите како „почиста“ и „поевтина“ алтернатива за греење. Субвенции за печки, кампањи, уверувања дека ова е иднината. Денес, неколку грејни сезони подоцна, реалноста е далеку покомплицирана и, за многумина, разочарувачка.
Цената на една вреќа пелети сезонава се движи од 310 до 360 денари, зависно од производителот и квалитетот. Во студени денови, за куќа од околу 120 квадратни метри, потрошувачката оди и до една и пол, па дури и две вреќи дневно. Тоа значи дека само за греење, дневниот трошок може лесно да надмине 600 денари. Кога ќе се собере на месечно ниво… бројките стануваат непријатни.
„Кога ја купив печката, една вреќа беше 160 денари. Тогаш сметавме дека сме направиле паметен потег“, вели скопјанец кој пред пет години инвестирал во систем на пелети за семејната куќа.
Денес, признава, веќе не е сигурен.
„Не е само цената. Има чистење, има пепел, има мака. Не е ‘пушти и заборави’, како што ни зборуваа“, додава тој.
И навистина, сопствениците на печки на пелети сè почесто го споменуваат токму тоа – одржувањето. Редовно чистење на комората, празнење на пепелникот, сервисирање.
Некои велат дека тоа е ситница во споредба со удобноста, други, пак, признаваат дека им станало товар, особено во деновите кога студот не попушта, а печката работи со часови.
„Јас се откажав“, вели жителка на Кисела Вода, која минатата зима преминала на друг начин на греење. „Не можев повеќе да пресметувам – денеска колку ќе потрошиме, утре колку. А и квалитетот на пелетите не е секогаш ист. Купуваш едни, гори добро. Други – пепел, чад, нервози…“.
Од друга страна, има и поинакви гласови. За сопствениците на поголеми куќи, особено надвор од градските средини, пелетите и понатаму се сметаат за разумна опција.
„Ако споредиш со струја или софта гас, за 200 квадрати пелетите сè уште ми се поисплатливи“, вели домаќин од скопско село. „Да, има работа околу нив, ама барем знам колку плаќам и не зависам од сметки што знаат да ‘експлодираат’.“
Експертите, пак, предупредуваат дека проблемот не е само во пазарните цени, туку и во отсуството на долгорочна стратегија.
Субвенциите ги насочија луѓето кон еден систем, но без стабилен домашен пазар, без контрола на квалитетот и без јасна визија што понатаму. Па така, граѓаните останаа помеѓу инвестиција направена во добра верба и реалност што секоја година станува сè поскапа.
Прашањето што тивко се провлекува низ разговорите е едноставно: дали државата ги остави граѓаните сами со последиците од една политика што на хартија изгледаше одлично?
Многумина денес не бараат нови субвенции, туку предвидливост. Да знаат на што се. Бидејќи греењето не е луксуз, туку основна потреба. А кога секоја зима почнува со калкулатор во рака и со сомнеж во стомакот… тогаш нешто очигледно не функционира како што треба.
Б.З.М.



