Имплементацијата на EES – европскиот систем за влез и излез за регистрација на граѓани на земји кои не се членки на ЕУ – нема да се одложи, изјави Европската комисија.
Европската комисија ја негираше веста објавена од некои медиуми дека имплементацијата на EES се одложува од април до септември 2026 година, нагласувајќи дека не се најавени нови продолжувања на неговото постепено воведување.
„Постепеното спроведување на EES ќе заврши на 9 април 2026 година. Сепак, регулативата EES веќе предвидува одредени флексибилности за земјите-членки за периодот по завршувањето на воведувањето во април оваа година. Ова не е ново“, нагласи Европската комисија..
Како што објасни Европската комисија, ова значи дека до 10 април 2026 година, сите земји-членки ќе мора целосно да го имплементираат EES на сите свои гранични премини и да ги регистрираат сите државјани на трети земји што ги преминуваат границите.
Некои медиуми претходно објавија дека Европската комисија донела одлука за одложување на целосната имплементација на EES до септември 2026 година.
Таквата одлука, како што е наведено, треба да им овозможи поголема флексибилност на членките на Шенген зоната во текот на летната сезона, кога сообраќајот е зголемен и се очекуваат големи гужви.



