САД му кажаа на Иран во среда дека нема да се согласи со барањата на Техеран за промена на локацијата и форматот на разговорите планирани за петок, изјавија двајца американски функционери за Axios.
Застојот би можел да го блокира дипломатскиот пат и да го наведе Доналд Трамп да се одлучи за воена агресија. САД и Иран претходно се согласија да се сретнат во Истанбул во петок, со учество на други земји од Блискиот Исток во улога на набљудувачи, пишува Axios.
Но, Иранците во вторник изјавија дека сакаат да ги преместат разговорите во Оман и да ги одржат во билатерален формат, за да се осигурат дека се фокусирани исклучиво на нуклеарните прашања, а не на други теми како што е ракетната програма, кои се приоритет за САД и земјите во регионот.
Американските функционери го разгледаа барањето за промена на локацијата, но во среда одлучија да го отфрлат.
„Им рековме: или вака или ништо, а тие одговорија: „Добро, тогаш никако“, рече висок американски функционер.
Тој додаде дека САД се подготвени да се сретнат оваа или следната недела ако Иранците се вратат во оригиналниот формат.
„Сакаме брзо да постигнеме вистински договор или луѓето ќе почнат да разгледуваат други опции“, рече истиот функционер, алудирајќи на повторените закани на Трамп за воена акција.
„Се обидовме да постигнеме компромис, но Иранците одбија. Постои голема веројатност разговорите воопшто да не се одржат оваа недела“, рече друг американски функционер.
Иранската мисија во Обединетите нации не одговори веднаш на барањето за коментар.
Американските претставници велат дека САД и Иран првично се согласиле разговорите во Истанбул да се одржат на две нивоа:
- директни американско-ирански разговори за нуклеарниот договор
- мултилатерални разговори за прашања како што се ракетната програма на Иран, поддршката за посреднички групи и кршењето на човековите права за време на насилното задушување на протестите.
Според американски извори, специјалниот пратеник на Белата куќа, Стив Виткоф, и зетот и советник на Трамп, Џаред Кушнер, треба да отпатуваат во Катар во четврток на разговори за Иран со премиерот на земјата.



