Фотонапонски и ветерни електрани, гасна когенеративна централа и батериски системи за складирање електрична енергија. Вака на кратко изгледа енергетската слика што Владата ја најавува за следниот период.
На хартија, звучи импресивно. Дури и охрабрувачки, ако се земе предвид колку години наназад државата тапка во место со истите капацитети, истите загуби и истите увози.
Но токму тука почнува дилемата: дали станува збор за реален пресврт во енергетиката или за уште една голема политичка најава со рок на траење до следниот изборен циклус?
Годишниот план за изградба на енергетски објекти, кој го усвои Владата, предвидува 67 нови капацитети со вкупна инсталирана моќност од над 4.400 мегавати. Бројка што, сама по себе, звучи речиси нереално ако се спореди со постојните капацитети во земјата.
Официјално, станува збор за најголем инвестициски циклус досега во енергетиката, со јасна порака: државата сака да ја намали зависноста од увоз и да внесе повеќе обновливи извори во системот.
Но меѓу желбата и реализацијата, како и секогаш, стои долг и непријатен список на прашања.
Од Владата уверуваат дека проектите се внимателно испланирани, дека дел од нив веќе имаат подготвена документација и дека ќе се реализираат преку комбинација од државни и приватни инвестиции.
„Ова не е список на желби, туку план со јасна динамика и извори на финансирање“, велат владини претставници, додавајќи дека фокусот е ставен на соларните и ветерните електрани, како и на системите за складирање, кои треба да ја решат хроничната нестабилност на обновливите извори. Теоретски, тоа е логично. Практично, ќе видиме.
Енергетските експерти, пак, се поделени. Дел од нив сметаат дека е позитивно што конечно се зборува за сериозни бројки и за батериски системи, нешто што со години се игнорираше.
„Без складирање, обновливите извори се како автомобил без резервоар – одат, ама не знаеш колку далеку“, вели еден универзитетски професор, кој сепак предупредува дека 4.400 мегавати во неколку години е премногу амбициозна цел за администрација која и досега тешко се справувала со далеку помали проекти.
Посебно внимание предизвикува најавата за гасна когенеративна централа. За власта, таа е неопходен „премостувачки“ капацитет додека обновливите извори не станат доволно стабилни.
За критичарите, тоа е ризичен чекор во време кога Европа се обидува да се оддалечи од фосилните горива.
„Ако веќе инвестираме, зошто да се врзуваме со гас на долг рок?“ прашуваат од невладиниот сектор, потсетувајќи дека ваквите централи имаат животен век од неколку децении, а енергетската транзиција не чека.
Има и уште една тивка дилема, која ретко се кажува гласно: капацитетите може и да се изградат, но дали мрежата ќе може да ги издржи?
Преносниот и дистрибутивниот систем веќе сега е под притисок, со загуби, застарена опрема и ограничена флексибилност. Без сериозни инвестиции таму, новите мегавати лесно може да останат само бројки во извештаи. Или, уште полошо, да создадат нови проблеми наместо решенија.
Во јавноста, пак, преовладува мешавина од скепса и надеж. Граѓаните, навикнати на грејна сезона со високи сметки и постојани стравови од рестрикции, сакаат да веруваат дека нешто конечно се менува.
Но искуството ги учи да бидат претпазливи.
„Сме слушале и порано вакви планови“, вели еден соговорник од енергетскиот сектор.
Дали најавениот инвестициски циклус е популистички или реален, веројатно нема да се види ниту утре, ниту за неколку месеци.
Одговорот ќе дојде со првите багери на терен, со потпишаните договори, со приклучените мегавати во мрежата.
До тогаш, останува впечатокот дека енергетиката повторно стана голема тема – прашањето е само дали овој пат ќе остане на зборови или конечно ќе се претвори во… нешто повеќе.
Б.З.М.



