Греењето повторно e тема што тешко се избегнува, не затоа што е зима, туку затоа што секој нов месец носи нова неизвесност.
Пазарот на пелети, кој пред неколку години беше претставуван како стабилна и разумна алтернатива, денес изгледа како терен без правила. Цените се менуваат од недела во недела, квалитетот варира драстично, а граѓаните, како и обично, остануваат меѓу пресметките и студот.
Во најстудените денови, кога температурите паѓаат под нулата, едно просечно домаќинство троши повеќе од една вреќа пелети дневно. Тоа го потврдуваат и продавачите и купувачите. Кога на тоа ќе се додаде фактот дека цената на една вреќа за кратко време знае да скокне и за неколку стотици денари, јасно е дека месечниот трошок за греење станува сериозен удар врз домашниот буџет.
Некои семејства признаваат дека веќе прават калкулации дали да греат помалку, дали да исклучуваат по една соба, или едноставно да издржат со дополнителна облека. Непријатно, но вистинито.
Покрај цената, сè почесто се отвора и прашањето за квалитетот. Дел од пелетите што се нудат на пазарот оставаат повеќе пепел отколку топлина, велат познавачи на оваа материја.
Калоричноста не одговара на она што е декларирано, влагата е повисока од дозволеното, а последиците ги трпат печките и котлите, кои се расипуваат побрзо од очекуваното.
Кога ќе платиш скапо, а добиеш слабо, разочарувањето е двојно. Тука веќе не станува збор само за комфор, туку и за безбедност и дополнителни трошоци за сервисирање.
Аналитичари предупредуваат дека проблемот не е нов, туку системски. Со години се зборуваше за стабилно домашно производство, за контрола на увозот и за јасни стандарди што мора да ги исполнува секој производител.
На хартија, работите изгледаа уредно. Во пракса, пазарот функционира стихијно, со минимален надзор и со многу сиви зони. Каде исчезнаа тие најави, прашуваат граѓаните. Кој контролира што се продава и по која цена. И дали воопшто некој ја следи состојбата на терен, или се реагира дури кога ќе стане предоцна.
Експерти за енергетика велат дека греењето со пелети не е лош концепт сам по себе, но станува неодржливо ако нема стабилност и доверба. Просечното домаќинство не може да планира ако секоја сезона почнува со нови ценовни шокови.
Не може да инвестира во систем за греење ако не знае дали горивото ќе биде достапно и квалитетно. И не може постојано да живее со чувство дека секоја зима ќе биде нов тест за издржливост.
Во меѓувреме, институциите главно молчат. Нема јасни сигнали за интервенција, нема конкретни мерки што би го смириле пазарот, ниту пак засилени контроли што би внеле ред.
А времето поминува, температурите не прашуваат, а сметките се редат една по една. Прашањето што останува да виси во воздухот е едноставно, но тешко.
Дали греењето со пелети навистина е решение за просечниот граѓанин, или полека се претвора во уште еден луксуз што тивко ќе им се излизга од раце. И дали некој ќе го признае тоа, пред следната зима да тропне на врата, повторно неподготвени.
Б.З.М.



