ПочетнаЕКОНОМИЈАПензионерските домови се распаѓаат, а нови нема – каде ќе старееме утре?

Пензионерските домови се распаѓаат, а нови нема – каде ќе старееме утре?

Од осамостојувањето наваму, државата не изгради ниту еден нов пензионерски дом. Ниеден. Во исто време, постојните установи, изградени во поинаков систем и со поинаква логика, тивко стареат заедно со луѓето што ги користат.

Фасадите пукаат, инсталациите се дотраени, собите се преполни, а стандардите одамна ги прегазило времето.

Иако некогаш важеле за пример, денес тие домови повеќе личат на сведоштво за запуштеност отколку на места за достоинствена старост.

Постарите генерации добро паметат дека не било секогаш вака. Имало домови што функционирале како мали заедници, со лекарска грижа, аптека, организиран живот.

Таков бил домот во Битола, велат пензионери кои поминале дел од староста таму, но и оној во скопски Аеродром, каде што здравствената грижа не била луксуз, туку секојдневие.

Имало лекар на дофат, лекови во рамки на установата, активности што не го сведувале животот на чекање оброк и терапија. Денес, од таа слика останале само фрагменти и сеќавања.

Сликата станува уште поостра кога ќе се направи споредба со земји што одамна ја сфатиле староста како фаза од животот, а не како проблем што треба да се оттурне на страна.

Во Словенија, на пример, пензионерските домови не се само места за сместување. Таму има фризерници, педикир, простории за дружење, програми за рекреација.

Старите луѓе не се третирани како пасивни корисници на системот, туку како луѓе со навики, потреби и достоинство. Разликата не е само во парите, велат познавачите, туку во концептот. Или, попрецизно, во тоа што кај нас речиси и да нема концепт.

Аналитичарите предупредуваат дека проблемот не е само инфраструктурен. Тој е системски.

Пензионерите со децении се третираат исклучиво како трошок во буџетот, како бројка во статистика што постојано расте и создава притисок. Во таква логика, инвестицијата во нивниот квалитет на живот изгледа како непотребен луксуз. А токму тука, според експертите, се прави клучната грешка. Старите луѓе не мора да бидат товар. Напротив.

Познавачите на социјалните политики велат дека е неопходна редефиниција на улогата на пензионерите во општеството. Многу од нив се активни, здрави, со знаење и искуство што може да се искористи.

Во домови што би биле модерно организирани, тие би можеле да учествуваат во менторски програми, во едукативни активности, па дури и во одредени форми на социјално претприемништво.

Наместо тоа, тие денес најчесто се изолирани, маргинализирани, оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат. Или да зависат од семејството, кое и самото е притиснато од економски и егзистенцијални проблеми.

Фактот дека приватниот сектор почна да отвора старечки домови не ја решава суштината. Тие установи се недостапни за огромен дел од пензионерите, поради високите цени.

Така, староста станува уште една линија на социјална поделба. Едни можат да си дозволат грижа, други не. Државата, пак, се повлекува, како да станува збор за нешто што не ја засега директно. А ја засега. И тоа сè повеќе, со оглед на демографските трендови и стареењето на населението.

Експертите предупредуваат дека ако нешто итно не се промени, состојбата ќе стане неодржлива. Не станува збор само за изградба на нови објекти, иако и тоа е неопходно.

Станува збор за нова филозофија. За признавање дека достоинствената старост не е привилегија, туку право. И дека општеството што не знае што да прави со своите најстари членови, испраќа порака и до помладите. Порака што не е пријатна, ниту охрабрувачка.

Во еден момент, сите ќе дојдат до таа возраст. Прашањето е само во каков систем. И дали ќе живеат, или само ќе преживуваат, чекајќи нешто… или ништо.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП