Многумина од регионот, меѓу нив и македонски државјани, сè уште со леснотија влегуваат во ризик кога станува збор за престојот во земјите од Европската Унија, како да се работи за нешто што „може да помине“.
Свесно или несвесно, правилото за дозволен престој често се тестира на сопствена кожа, а прашањата што секојдневно кружат по социјалните мрежи звучат речиси идентично: дали некој ќе забележи неколку дена повеќе, дали на граница гледаат, дали казните се симболични или, пак, драстични?!
Некои се подготвени и да ризикуваат – „ќе се вратам четири дена подоцна, што може да ми се случи?“ – како да станува збор за ситница.
Искуствата, барем според јавно споделеното, се крајно различни. Некои минале со усна опомена или помала парична казна, други излегле од приказната со повеќегодишна забрана за влез во Шенген-зоната.
Токму таа непредвидливост ја создава илузијата дека системот може да се „надмудри“. Но, како што предупредуваат познавачите на состојбите, особено по воведувањето на новите електронски системи за евиденција на влез и излез, просторот за маневар речиси и не постои.
Прекорачените денови не се повеќе прашање на проценка на граничарот, туку чиста математика.
По форумите и групите се појавуваат сведоштва кои делуваат како ладен туш. Некој пишува дека близок роднина добил тригодишна забрана за само неколку дена прекорачен престој, без никаква парична казна.
Друг раскажува дека при влез му биле земени отпечатоци и фотографија, а при излезот, по 95 дена престој, следувала забрана од пет години.
Коментарите под ваквите објави се сурови, понекогаш и цинични, но пораката е јасна: правилата се тука и не се за тестирање.
„За три-четири дена можеш да ја заборавиш Европа со години“, напишал еден корисник на Фејсбук.
Експертите потсетуваат дека за државјаните на земјите што не се членки на ЕУ важи правилото за престој од најмногу 90 дена во рамките на 180 дена.
Тоа, поедноставено, значи околу три месеци во период од половина година, односно максимум 180 дена на годишно ниво. Причините за прекршување се различни – здравствени, семејни, па и деловни, но системот не прави разлика според мотивот, туку според бројот на денови.
Казните, велат познавачите, зависат од должината на прекршувањето. Кога станува збор за еден или два дена, во некои земји постои одредена толеранција и санкцијата може да се сведе на предупредување или парична казна, без дополнителни последици.
Но, како што расте бројот на прекорачени денови, така расте и сериозноста на мерките. Подолг нелегален престој може да резултира со задолжителен рок за напуштање на Шенген-зоната, а во случај на непочитување – со депортација и забрана за влез што може да трае од неколку месеци, па сè до една деценија.
Дополнителна нервоза создава и прашањето дали некој веќе има изречена забрана, а да не е свесен за тоа. Стравот од непријатно изненадување на граница е реален.
Според упатените, секоја шенгенска држава располага со институции преку кои може да се провери дали едно лице е евидентирано во заедничкиот информациски систем – со податоци за постоење на забрана, нејзиното времетраење и причините. Процедурата постои, но ретко кој навреме ја користи.
Во суштина, пораката што се провлекува низ сите овие приказни е едноставна, иако многумина одбиваат да ја прифатат. Времињата кога можеше „да се провлечеш“ се минато.
Секој влез и секој излез остава траг. А неколку дена повеќе, колку и да делуваат безначајно во моментот, можат да значат долги години затворени врати. И тука, реално, нема простор за изговори… или за дообјаснување.
Б.З.М.



