Проектот „Безбеден град“ конечно почна да дава резултати во централното градско подрачје. Камерите работат, казните стигнуваат, а возачите барем привидно ја симнаа ногата од гасот.
Но, парадоксално, токму таму каде што системот функционира најстрого, проблемот почна да се прелива на друго место. Надвор од градските булевари, во приградските и периферните населби, сликата е сосема поинаква. И сè поопасна.
Во Радишани, Даме Груев, Волково, Визбегово, Долно Лисиче, Илинден… речиси секојдневие се сцени што повеќе личат на импровизирани трки отколку на нормален сообраќај.
Долги правци, помалку контроли, без камери. Токму тоа, велат познавачите, ја создаде новата логика кај љубителите на брзината. Каде што не може во град, се оди на периферија. И таму се вози без мерка.
„Системот е добар, но е недовршен. Кога притисокот е концентриран само во еден дел од градот, реакцијата е очекувана – возачите го бараат просторот каде што мислат дека нема да бидат санкционирани“, објаснуваат сообраќајни аналитичари.
Според нив, проблемот не е само во брзото возење, туку и во чувството дека надвор од камерите важат други правила. Или дека воопшто нема правила.
Бројките дополнително загрижуваат. Само од почетокот на годинава, во сообраќајни несреќи се прегазени 15 пешаци. Дел од тие несреќи се случија токму во населби каде пешаците секојдневно делат улица со возила што се движат далеку над дозволеното. Без тротоари, без соодветно осветлување, без физички пречки за успорување. Само асфалт и гас до даска.
Експертите предупредуваат дека ваквата состојба е резултат на половично спроведена безбедносна политика. Камерите сами по себе не се проблем, напротив.
Но, ако не се надополнат со физички мерки, полициско присуство и контроли во приградските зони, ефектот се извртува. Наместо да се намали ризикот, тој само се преместува. А жртвите, најчесто, се пешаците.
„Во вакви населби живеат семејства, деца, стари лица. Таму улицата не е автопат, туку продолжение на секојдневието. Кога автомобилите минуваат со 100 километри на час, последиците се трагични“, велат познавачи на урбаната безбедност.
И додаваат дека решенијата не се комплицирани, но бараат волја и континуитет. Лежечки полицајци, кружни текови, постојани патроли. И камери, да, но не само во центарот.
Во спротивно, предупредуваат, ќе продолжиме да броиме несреќи и жртви, додека ќе се тешиме со статистики дека „во градот е подобро“. А градот, всушност, одамна не завршува на булеварите.
Таму некаде, по периферијата, секојдневно се случува тивка сообраќајна драма. И ако нешто не се смени… последната точка во овие приказни ќе продолжи да биде црна.
Б.З.М.



