„Meta Platforms“ објави рекордна продажба во четвртиот квартал и значително зголемување на проектираните трошоци за 2026 година, сигнал дека компанијата нема намера да го забави своето амбициозно проширување во областа на вештачката интелигенција.
Акциите пораснаа за повеќе од 8% во тргувањето. Компанијата соопшти дека капиталните трошоци ќе достигнат 135 милијарди долари во 2026-та година, што е околу 20% повеќе од очекувањата на Волстрит и речиси двојно повеќе од нивото на инвестиции минатата година. Рекламирањето и другите оддели на компанијата донесоа 59,9 милијарди долари во четвртиот квартал, што е зголемување од 24% на годишно ниво.
Инвеститорите се чини дека го одобрија планот на „Meta“ за значително зголемување на трошоците, за разлика од минатата година, кога акционерите беа повнимателни и бараа повеќе детали за скапите планови на компанијата.
Извршниот директор Марк Цукерберг планира да гради центри за податоци низ целиот свет, да лансира нови најсовремени модели на вештачка интелигенција и да продолжи да ја интегрира вештачката интелигенција во својот основен рекламен бизнис оваа година.
„Во 2025-та година, повторно ги изградивме темелите на нашата програма за вештачка интелигенција. Ќе започнеме со испорака на нашите нови модели и производи во наредните месеци. Очекувам нашите први модели да бидат добри, но што е поважно, тие ќе ја покажат брзата траекторија на која се движиме“, рече Цукерберг.
Финансискиот директор на „Meta“, Сузан Ли, изјави дека со користење на вештачка интелигенција, компанијата успеала да ги подобри своите системи што им препорачуваат содржина на корисниците за да ги задржат ангажирани и оние што насочуваат персонализирани реклами кон корисниците.
Таа додаде дека „WhatsApp“ ќе продолжи да прикажува реклами оваа година и дека платените пораки на „WhatsApp“ надминаа годишна стапка на раст од 2 милијарди долари во четвртиот квартал.
„Meta“, која веќе инвестираше многу во вештачка интелигенција, неодамна презеде чекори за да го засили тој напор. Порано овој месец, компанијата објави дека ја ангажирала поранешната партнерка на „Голдман Сакс“, Дина Пауел Мекормик, за свој нов претседател за да развива партнерства со влади за финансирање и распоредување центри за податоци низ целиот свет.
За таа цел, „Meta“, исто така, објави нова „врвна“ иницијатива наречена Meta Compute, задолжена да обезбеди огромни количини на енергија што ѝ се потребни на компанијата за да ги води своите бизниси за моделирање на вештачка интелигенција и социјални медиуми.
„Панираме да изградиме десетици гигавати оваа деценија, а стотици гигавати или повеќе со текот на времето. Начинот на кој дизајнираме, инвестираме и соработуваме за да ја изградиме оваа инфраструктура ќе стане стратешка предност“, вели првиот човек на компанијата.
Во меѓувреме, инвеститорите, аналитичарите и технолошката индустрија во целина со интерес гледаат што ќе произведе новата, супермоќна дивизија за вештачка интелигенција на „Meta Platforms“ по милијарда долари вредни вработувања на Цукерберг во текот на летото.
Поминаа речиси осум месеци откако „Meta“ купи 49% удел во „Scale AI“ и го ангажираше својот извршен директор, Александар Ванг, за нов главен директор за вештачка интелигенција. Компанијата сè уште не објавила наследник на „Llama 4“, големиот јазичен модел што го воведе минатата пролет, кој не успеа и ја натера компанијата да ги реструктуира своите напори за вештачка интелигенција и да ги создаде своите нови лаборатории за суперинтелигенција.
Но, постојат гласини дека е во изработка нов модел, а за време на внатрешна сесија со прашања и одговори на компанијата во декември, Ванг рече дека најновите модели на вештачка интелигенција на „Meta“, со кодно име „Avocado“ и „Mango“, се очекува да бидат објавени во првата половина од оваа година.
„Meta Platforms“, исто така, неодамна го купи стартапот за вештачка интелигенција „Manus“ со седиште во Сингапур за повеќе од 2 милијарди долари, еден месец откако доби антимонополска постапка покрената од Федералната трговска комисија за аквизицијата на „Instagram“ и „WhatsAp“ пред една деценија.



