Купувањето храна на големо со години важи за еден од најчесто спомнуваните „трикови“ за штедење во семејниот буџет. Вреќи брашно, пакети масло, гајби конзерви, средства за домаќинство што се купуваат еднаш, па потоа со месеци не се мисли на нив. На хартија звучи логично, дури и рационално. Но во пракса, приказната е малку покомплицирана. И не секогаш завршува со реална заштеда.
Аналитичарите што ги следат навиките на потрошувачите велат дека купувањето на големо навистина може да донесе пониска цена по единица производ, но само под одредени услови.
Првиот е јасен и често занемарен: домаќинството мора навистина да го потроши тоа што го купува. Во спротивно, дел од храната завршува расипана, со поминат рок или едноставно заборавена на дното од шкафот. Тогаш математиката престанува да работи во корист на купувачот.
„Луѓето често ја гледаат само цената по килограм или по парче, а не сопствените навики“, објаснуваат познавачи на пазарот.
Ако семејството ретко готви дома, купувањето десет килограми ориз нема да донесе заштеда, туку дополнителен трошок. Ако не се користат конзерви редовно, ни најголемата акција не помага многу. И тука се крши илузијата дека купувањето на големо автоматски значи паметно трошење.
Друг важен момент е психолошкиот ефект. Кога дома има полни полици, потрошувачите често стануваат поопуштени. Се троши повеќе, се готви поголемо количество, се фрла без многу размислување.
„Парадоксално, чувството на сигурност што го даваат полните залихи може да ја зголеми потрошувачката“, велат експертите.
И токму тука, заштедата почнува полека да се топи, без никој да забележи.
Познавачите укажуваат и на уште една замка: не секој производ е погоден за купување на големо. Сувите производи, средствата за хигиена и дел од замрзнатата храна се релативно безбедна опција. Но свежото овошје, зеленчукот, млечните производи и месото носат сериозен ризик. Ако нема соодветни услови за чување, фрижидер или замрзнувач со доволен капацитет, тогаш големата набавка брзо се претвора во… па, загуба.
Од економски аспект, купувањето на големо најчесто им се исплаќа на поголемите семејства, каде потрошувачката е постојана и предвидлива.
Кај помалите домаќинства или кај оние со променлив ритам на исхрана, ефектот е многу понеизвесен.
„Не постои универзална формула“, велат аналитичарите.
Она што за едно семејство е рационален потег, за друго може да биде чиста илузија.
Дополнително, не треба да се занемари ни моментот на еднократниот удар врз буџетот. Купувањето на големо бара поголема сума пари одеднаш.
За дел од граѓаните тоа значи жртвување на други трошоци во истиот месец. Заштедата што би се појавила подоцна не секогаш ја компензира таа првична финансиска напнатост. Особено ако во меѓувреме се појават непланирани трошоци, а тие секогаш се појавуваат, нели?!
Б.З.М.



