Комерцијална банка АД Скопје за периодот од 01.01. – 31.12.2025 година оствари добивка пред оданочување во износ од 5.632,6 милиони денари наспроти 5.482,1 милион денари во 2024 година, што претставува зголемување за 2,7 %. Планираната брутодобивка за 2025 година е остварена со 109,3 %. Данокот на добивка во 2025 година изнесува 555,3 милиони денари, а нето-добивката за годината изнесува 5.077,3 милиони денари, или 3,1 % повеќе во однос на минатата година.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 9.083,5 милиони денари и бележат зголемување од 2,1 % во однос на минатата година.
Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.12.2025 година истите бележат зголемување од 1,0 % во однос на минатата година. Планот е исполнет со 102,1 %. Приходите по основ на камата се зголемени за 1,8 %, при што најголем пораст бележат приходите од камата од домаќинствата, а во помал обем зголемени се и приходите од нефинансиските друштва и државата, како резултат на зголемените пласмани. Расходите по основ на камата се зголемени за 8,0 % поради зголемените орочени депозити, споредено со минатата година. Нето каматната маржа на ниво на Банката со 31.12.2025 година изнесува 3,55 %, додека на крајот од минатата година истата изнесуваше 3,85 %.
Нето-приходите од провизии и надоместоци на 31.12.2025 година изнесуваат 1.224,0 милиони денари и во однос на минатата година бележат зголемување од 2,7 % како резултат на зголемен обем на работење со клиентите, во услови на извршени значајни намалувања на надоместоците од страна на Банката. Имено, во услови на промена во моделот на работење на системот за порамнување на меѓубанкарските плаќања – МИПС и намалените надоместоци согласно измените во Тарифникот од НБРСМ кои се применуваат од август 2025 година, Банката изврши соодветно намалување на надоместоците за денарски платежни трансакции почнувајќи од 01.10.2025 година, кое се движи помеѓу 30 % за меѓубанкарските плаќања, до 100 % за интерните плаќања на 2 клиентите преку електронско банкарство. Планот за анализираниот период е остварен со 104,3 %
Нето-приходите од курсни разлики на 31.12.2025 година изнесуваат 426,2 милиони денари и бележат зголемување од 13,1 % во однос на минатата година, како резултат на одржување на отворената девизна позиција на оптимално ниво кое овозможуваше остварување задоволителни приходи во услови на непречено исполнување на вкупните капитални барања, како и по основ на зголемен промет на девизниот пазар на Банката со клиенти правни и физички лица. Планот за анализираниот период е остварен со 134,9%.
Останатите приходи од работењето на Банката на 31.12.2025 година изнесуваат 1.288,5 милиони денари и бележат зголемување од 8,3 % во однос на минатата година, во најголем обем поради поголемиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања. Планот е остварен со 102,2 %
Оперативните расходи за периодот 01.01. – 31.12.2025 година изнесуваат 2.789,7 милиони денари и во однос на минатата година се зголемени за 2,4 %, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен со 99,1 %.
Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 31.12.2025 година изнесува 655,3 милиони денари и бележи намалување од 2,3 % во однос на минатата година кога изнесуваше 670,5 милиони денари. Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства главно се должи на добрата финансиска дисциплина и редовното сервисирање на обврските по кредити од страна на клиентите.
Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.



