ПочетнаЕКОНОМИЈАЧленството на Македонија во ЕУ не значи и враќање на младите дома

Членството на Македонија во ЕУ не значи и враќање на младите дома

ЕУ-членството често се претставува како магично решение – точката по која сè ќе тргне нагоре, институциите ќе проработат, платите ќе пораснат, а младите ќе престанат да го пакуваат животот во два куфери.

Но таа претстава, колку и да е политички корисна, сè помалку кореспондира со реалноста на земјите што веќе го поминале тој пат.

Искусните познавачи предупредуваат дека и формалното влегување во Унијата, само по себе, не е доволно силен аргумент младите да останат – ниту, пак, да се вратат.

Искуствата од Источна и Југоисточна Европа се прилично јасни. По приклучувањето кон ЕУ, наместо стагнација на миграцијата, следувал нејзин нагол пораст.

Отворањето на пазарот на труд, слободното движење и чувството дека „сега е моментот“ создадоа бранови на иселување, особено меѓу младите, образованите и мобилните.

„Членството ја олеснува одлуката, не ја укинува“, забележуваат аналитичарите, потсетувајќи дека млад човек не заминува поради пасошот, туку поради перспективата.

Истражувањата со години покажуваат ист образец: младите не заминуваат само поради ниски плати, туку поради чувството дека системот е затворен, дека шансите не се распределуваат фер и дека напредокот зависи од нешто друго, а не од знаење и труд.

ЕУ-членството, велат експертите, не ја менува автоматски таа матрица. Ако институциите останат слаби, ако корупцијата преживее во ново пакување и ако јавниот сектор продолжи да функционира како затворен круг… тогаш ни европското знаменце нема да биде доволно.

Еден економски аналитичар забележува дека младите денес размислуваат прагматично, речиси брутално рационално.

„Тие не заминуваат од идеолошки причини. Гледаат каде можат да живеат нормално, да планираат семејство, да имаат пристоен баланс меѓу работа и живот. Ако тоа не го гледаат дома, не ги задржува ни членството, ни преговорите, ни датумите“, вели тој.

И навистина, млад човек не го интересира во кој кластер е земјата, туку колку чини киријата, дали може да купи стан и дали ќе биде вреднуван за тоа што знае.

Се додава и уште еден, често занемарен момент – споредбата. Влегувањето во ЕУ не ја намалува желбата за споредување, туку ја зголемува.

Кога границите се симболични, а платите и условите видливи, разликите стануваат уште поочигледни.

Познавачите на миграциските текови посочуваат дека токму по влезот во Унијата, младите полесно ја споредуваат својата позиција со онаа на врсниците во побогатите земји. И тогаш, ако јазот е голем… одлуката е логична.

Од друга страна, постои и митот дека ЕУ автоматски носи високи плати. Реалноста е посложена. Членството отвора можности, но не ги распределува рамномерно.

Регионалните разлики во самата Унија се огромни, а периферните земји со години се борат со „одлив на мозоци“ кон центарот.

„Ако не изградите домашна економија што може да апсорбира и награди млад кадар, ЕУ само го забрзува заминувањето“, предупредуваат експертите за пазар на труд.

Во Македонија, проблемот дополнително се продлабочува со недовербата. Младите, велат социолозите, веќе не веруваат во големи наративи.

Ниту во „само уште оваа реформа“, ниту во „по влезот ќе биде подобро“. Тие сакаат опипливи промени – функционални институции, транспарентни конкурси, сигурност дека законот важи за сите. Без тоа, членството останува далечна рамка, а не лична причина за останување.

Секако, ова не значи дека ЕУ-членството е небитно или штетно. Напротив, тоа е силна платформа за долгорочен развој.

Но, како што велат познавачите, тоа е алатка, не решение. Ако се користи мудро, може да создаде услови за задржување на младите. Ако не… ќе го олесни нивното заминување. Токму тука лежи клучната дилема, која често се прескокнува во јавниот дискурс.

Mладите не бегаат од државата, туку од застојот. Од чувството дека животот стои во место, дека напредокот е бавен и селективен.
Дали тоа ќе се смени со или без ЕУ, зависи помалку од Брисел, а многу повеќе од домашните политики.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП