Европската комисија во петокот објави дека ќе предложи ново шестмесечно одложување на европскиот пакет реципрочни трговски мерки против Соединетите Американски Држави, во вредност од 93 милијарди евра, кои требаше да стапат на сила на 7 февруари.
Пакетот подготвен во првата половина од минатата година, додека Европската Унија преговараше за трговски договор со Вашингтон, веќе беше суспендиран еднаш за шест месеци кога двете страни на Атлантикот постигнаа договор во август 2025 година.
Заканата на американскиот претседател Доналд Трамп од минатата недела, кога објави нови царини за европските земји кои застанаа зад Данска против неговата анексија на Гренланд, го претвори пакетот во корисна алатка за ЕУ да одговори на републиканецот доколку го спроведе својот план.
„Со отстранувањето на заканата од САД за царини, сега можеме да се вратиме на важната работа за спроведување на заедничкиот договор ЕУ-САД“, рече портпаролот на Комисијата, Олоф Гил.
Извршното тело на ЕУ наскоро ќе даде предлог за продолжување на суспензијата на контрамерките што требаше да стапат на сила на 7 февруари, рече Гил, додавајќи дека тие се одложени за дополнителни шест месеци.
„Да бидеме апсолутно јасни – мерките ќе останат суспендирани, но доколку ни бидат потребни во кое било време во иднина – можеме да ги активираме“, рече тој.



