Профитот на „Ericsson AB“ во четвртиот квартал ги надмина проценките на аналитичарите, бидејќи напорите на шведскиот производител на телекомуникациска опрема да ги намали трошоците и да ги зголеми маржите се исплатија, објави „Bloomberg“.
Прилагодената заработка пред камати, даноци, амортизација и депрецијација (EBITDA) се зголеми за 24 проценти на 12,7 милијарди круни (1,4 милијарди долари), во споредба со претходната година. Тоа беше над очекувањата на аналитичарите од 10,5 милијарди круни.
„Ericsson“ и другите производители на телекомуникациска опрема се бореа во последните години со слаба побарувачка од операторите, бидејќи очекуваните трошоци за надградби на 5G мрежата не се материјализираа. Како одговор на тоа, компанијата со седиште во Стокхолм се фокусираше на намалување на трошоците, објавувајќи претходно во јануари дека ќе намали околу 13 проценти од својата работна сила во Шведска.
„Живееме во свет со статичен пазар на RAN (мрежа за пристап до радио). Треба да ја компензираме инфлацијата и зголемувањето на трошоците“ со тоа што ќе го направиме бизнисот поефикасен“, рече главниот финансиски директор Ларс Сандстром во интервју за „Bloomberg“.
„Ericsson“ изјави дека ќе понуди дивиденда од 3 круни по акција за 2025-та година и програма за откуп на акции во вредност од 15 милијарди круни. Аналитичарите очекуваа дивиденда од 3,76 круни по акција.
„Ericsson“ објави зголемување на профитот во третиот квартал откако продажбата на Иконектив доведе до еднократна капитална добивка од 7,6 милијарди круни. Главниот извршен директор Борје Екхолм претходно изјави дека посилната готовинска позиција нуди „можност“ за враќање на готовината на акционерите.
Нето продажбата се намали за 5% во однос на претходната година на 69,3 милијарди круни, но сепак успеа да ги надмине пазарните очекувања.
Компанијата предвидува дека пазарот на RAN ќе остане непроменет оваа година, додека пазарите на претпријатија и „критичните“ услуги имаат потенцијал да растат. Со оглед на очекуваните трендови, „Ericsson“ ќе ги зголеми своите инвестиции во одбраната.
Додека „Nokia“ се обидува да се позиционира како водечки европски добавувач, бидејќи континентот се обидува да се дистанцира од американските технолошки компании и кинеските производители на мрежна опрема, „Ericsson“ има поинаков пристап.
Екхолм го отфрли стремежот на Европа кон таканаречен технолошки суверенитет, нарекувајќи го „опасен“ во интервју за „Bloomberg“ на маргините на Светскиот економски форум во Давос претходно оваа недела.



