Собранието на Македонија денеска ги изгласа измените на Законот за прекршоци, со кои се овозможува целосно воведување на системот „Безбеден град“. За усвојување на промените гласаа 81 пратеник „ЗА“, додека 19 гласа беа „ПРОТИВ“.
Со усвојувањето на законските измени, камерите во Скопје, Тетово и Куманово повеќе нема да служат само за мониторинг, туку ќе бидат директно поврзани со системот за санкционирање. Практично, тоа значи дека прекршоците ќе се евидентираат автоматски, без интервенција на сообраќаен полицаец на лице место.
Во првата фаза ќе се регистрираат прекршоци како брзо возење, минување на црвено, истечена сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Казните ќе се испраќаат електронски, а при навремено плаќање ќе нема дополнителни трошоци.



