Отворањето фирма отсекогаш било своевиден тест на храброст, но ако се направи споредба меѓу денес и периодот од пред една деценија, разликите не се само во бројки, туку и во чувството што го има човекот кога ќе застане пред шалтер, банка или компјутер и ќе си каже – ајде, тргнувам.
Пред десет години, отворањето фирма во Македонија се продаваше како „лесно и брзо“. И навистина, административно гледано, процесот беше поедноставен отколку во претходните децении.
Основачкиот влог беше симболичен, даноците ниски, а државата агресивно се рекламираше како бизнис-дестинација. Но зад таа фасада, реалноста беше поинаква. Пазарот беше помал, куповната моќ пониска, а пристапот до капитал, особено за мали фирми, прилично ограничен.
Банкарските кредити беа скапи, ризикот се префрлаше речиси целосно на претприемачот, а ако нешто тргнеше наопаку, немаше многу простор за втора шанса.
„Тогаш фирма се отвораше повеќе од нужда отколку од визија“, велат економски познавачи.
Луѓето бегаа од невработеност, од несигурни договори, од чекање на конкурс што никогаш нема да се отвори. Фирмата беше начин да се преживее, не нужно да се расте.
Малите бизниси работеа на раб, со минимални маржи, без вистинска поддршка за дигитализација или излез на пошироки пазари. Сè се вртеше околу локалното – маало, град, регион. И ако таму немаше простор, приказната завршуваше брзо.
Денес, сликата е посложена. Формално, отворањето фирма никогаш не било поедноставно. Се регистрира онлајн, документите се дигитализирани, а трошоците за старт се релативно ниски. Но вистинската цена доаѓа подоцна.
Денешниот претприемач влегува на пазар кој е презаситен, гласен и немилосрден. Конкуренцијата не е само од соседната улица, туку од целиот регион, па и пошироко. Интернетот ги израмни шансите, ама и ги зголеми очекувањата.
„Денес не е проблем да отвориш фирма, проблем е да ја одржиш“, предупредуваат финансиски експерти.
Трошоците за придонеси, енергенси, кирија и работна сила се значително повисоки отколку пред десет години. Даночниот систем формално остана стабилен, но реалните обврски се зголемија преку разни дополнителни давачки и административни трошоци што не се гледаат на прв поглед. А тука е и инфлацијата, која тивко, но упорно го јаде профитот.
Од друга страна, можностите се пошироки. Денес фирма може да работи од дневна соба и да продава надвор од државата.
Дигиталните алатки, социјалните мрежи, онлајн-плаќањата, сето тоа не постоеше или беше во зачеток пред една деценија.
Експертите велат дека денешниот бизнис има повеќе шанси ако е паметно позициониран и ако не се обидува да биде сè за секого. Но тоа бара знаење, континуирано учење и постојано приспособување. Не е за секого, и тука нема романтика.
Интересно е што и мотивацијата е сменета. Пред десет години, фирма се отвораше „да се има нешто свое“. Денес, сè почесто, се отвора со јасна калкулација – колку време, колку пари, колкав ризик и што ако не успее.
Аналитичарите забележуваат дека новите претприемачи се попретпазливи, но и побрзо се откажуваат ако бројките не се совпаѓаат. Нема повеќе трпение за години работа без профит. Или оди, или… па, ништо.
Па, дали денес се исплати повеќе отколку пред десет години? Одговорот не е ни да, ни не. Се исплати ако знаеш што правиш, ако имаш јасен план и ако си подготвен да играш долга игра.
Б.З.М.



