Европската Унија тивко, но систематски ги заострува правилата за извоз на стари автомобили, а последиците директно ќе ги почувствува и македонскиот пазар.
Новата европска регулатива, која веќе се подготвува за имплементација во земји како Германија, Словенија, Италија и уште неколку држави-членки, предвидува сериозни бариери за возила со висока километража и сомнителна техничка состојба.
Во пракса, тоа значи дека голем дел од автомобилите што досега без проблем се извезуваа кон Балканот, повеќе нема да можат да ја напуштат земјата од која потекнуваат.
Клучната промена е во тоа што за да може едно постаро возило да се извезе и потоа увезе во Македонија, ќе мора претходно да има важечка регистрација, технички преглед и осигурување извршени во земјата на потекло.
Дополнително, се воведува задолжителна процена на состојбата – или преку официјален технички преглед или преку независен сертифициран експерт.
Без тој документ, извозот едноставно нема да биде дозволен. А цената на таквата процена не е симболична: се движи од 1.500 до 2.000 евра по возило.
Познавачи на европските регулативи велат дека целта формално е јасна – да се спречи извоз на технички небезбедни и еколошки штетни автомобили во трети земји. Но, во позадина има и нешто друго.
„Европа веќе не сака да биде депонија што ќе го исчисти својот возен парк на грбот на посиромашните пазари. Ова е комбинација од еколошка политика и заштита на сопствениот пазар“, објаснува еден аналитичар запознаен со процесот, додавајќи дека мерките ќе се воведуваат постепено, но без враќање назад.
На терен, реакциите се многу попрактични и помалку дипломатски.
Сопственик на автоплац во Скопје вели дека оваа регулатива може сериозно да го промени целиот модел на увоз.
„Ако за секое возило треба однапред да платиш уште две илјади евра само за хартија, тоа веќе не е бизнис. Тоа ќе ги исфрли евтините автомобили од понудата. Клиентот тука нема пари за такви цени, а ние не можеме да работиме со минус“, вели тој, додавајќи дека најпогодени ќе бидат возилата постари од 10–12 години, токму оние што најмногу се продаваат.
Слична слика доаѓа и од источниот дел на државата. Сопственик на автоплац од Крива Паланка предупредува дека ова нема да биде само удар за трговците, туку и за граѓаните.
„Кај нас луѓето купуваат автомобили од нужда, не од луксуз. Ако исчезнат колите од 3.000 или 4.000 евра, ќе останат само оние од 7.000 па нагоре. Искрено, не знам кој ќе ги купува“, вели тој, со доза на резигнација, па додава дека дел од увозниците веќе размислуваат да се повлечат од бизнисот или да бараат алтернативни пазари.
Експерти за сообраќај и животна средина, пак, потсетуваат дека Македонија со години е преплавена со стари дизели и возила со сомнителна техничка исправност, и дека ваквите мерки, иако болни, можеби ќе донесат долгорочна корист.
„Прашањето е дали државата е подготвена паралелно да понуди решенија – субвенции, олеснувања, стимули за понови и почисти возила. Ако сè остане само на забрани, ефектот ќе биде социјален шок“, предупредува еден познавач на пазарот.
Засега, регулативата сè уште не е целосно стапена во сила, но сигналите од Брисел се јасни. Прозорецот за увоз на евтини стари автомобили полека се затвора. Прашањето не е дали, туку кога… и колку ќе боли.
Б.З.М.



