Неколку стотини граѓани во организација на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, вечерва повторно ја блокираа крстосницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во Скопје, барајќи конкретна институционална реакција за аерозагадувањето и контролата на работењето на цементарницата „Усје“.
Граѓаните уште еднаш ги повторија своите ставови дека индустрискиот капацитет е голем причинител на загадувањето и повторно побараа дислокација.
Активистите се незадоволни од тоа што државата дозволува недоволна контрола врз потенцијалните загадувачи. За нив моделот на мониторинг на емисиите, според кој индустриските капацитети сами ги мерат и пријавуваат податоците за загадувањето, е лесно манипулативен.
Барањата на граѓаните се да се воведе независен и континуиран мониторинг на квалитетот на воздухот, со мерни станици кои ќе работат постојано и ќе бидат под институционална или независна контрола, со цел граѓаните да имаат реален увид во состојбата со загадувањето во нивната околина.



