Некаде меѓу огласите за работа, разговорите по кафулиња и вечните поплаки дека „нема мајстори“, се губи едно клучно прашање: зошто никој, ама баш никој, повеќе не сака да биде мајстор.
Не програмер, не менаџер, не „консултант“, туку човек што знае да направи нешто со раце. Да поправи. Да склопи. Да среди. Да остави трага.
Формално, сите велат дека мајсторите вредат злато. Дека се барани. Дека добро заработуваат. Дека чекаш по месец дена да ти дојде водоинсталатер или електричар. И сето тоа е точно. Но вистината е малку подлабока, и помалку романтична.
„Младите не бегаат од работа, бегаат од понижување“, велат дел од аналитичарите што ја следат состојбата на пазарот на труд.
Во Македонија, мајсторот со децении беше симбол за нешто пониско.
„Не учиш? Ќе станеш мајстор“. Таа реченица, изговорена илјада пати по дома, во училишта, на родителски, остави трајна штета. Занаетот не беше избор, туку казна. И тоа се памети.
Системот на стручно образование дополнително ја доврши приказната. Работилниците се застарени, опремата е од некое друго време, а наставата често теоретска до апсурд.
Учиш како се работи, ама никој реално не ти покажува. А без пракса, занает нема. Само диплома што не вреди ни колку хартијата на која е испечатена.
Експертите за образование велат дека стручното образование никогаш не било вистински приоритет. Се менувале програми, се пишувале стратегии, се отворале проекти… ама на терен, ништо суштинско.
И кога млад човек ќе застане пред избор: четири години да учи нешто што општеството го гледа со потценување, или да проба нешто „помодерно“, изборот е прилично јасен.
Потоа доаѓа реалноста на самиот занает. Работно време без правило. Физички напор. Нема боледување кога ќе те заболи грб. Нема одмор кога има работа. Нема сигурна плата секој месец. Ако си самостоен мајстор, ти си и мајстор, и сметководител, и маркетинг, и логистика. И често – виновник за сè.
Ако нешто не чини, мајсторот е крив.
„Луѓето сакаат евтино, брзо и совршено. Тоа не постои“, велат познавачите на занаетчискиот сектор. Клиентите често преговараат до апсурд, не ја вреднуваат работата, а очекуваат резултат како од реклама. Во таква атмосфера, ентузијазмот брзо се троши.
Има и уште нешто, за што ретко се зборува. Статусот. Во општество каде сите сакаат „канцелариска работа“, лаптоп и климатизирана просторија, мајсторот останува некаде на маргината. Неговата работа е видлива, ама неговиот углед – не. И колку и да заработува, чувството дека си „под“ не исчезнува лесно.
Познавачите на пазарот на труд предупредуваат дека ова не е само културен, туку и сериозен економски проблем. Без мајстори, нема градење. Нема одржување. Нема нормално функционирање. А тие што ги има, стареат. Занаетите се пренесуваа од рака на рака, од мајстор на чирак. Денес, чираци речиси и да нема. Сите сакаат веднаш. Брзо. Без трпение.
Парадоксот е очигледен. Никој не сака да биде мајстор, а сите бараат мајстор. Сите се чудат зошто се скапи услугите, а никој не прашува зошто нема кој да работи. И тука не станува збор само за пари. Станува збор за вредности. За тоа што го цениме, а што сме решиле тивко да го оттурнеме.
„Занаетот не е проблем. Односот кон него е“, велат експертите.
И додека тоа не се смени во образованието, во јавниот говор, во секојдневните мали реченици што ги кажуваме без да размислиме, мајсторите ќе стануваат сè поретки.
А ние ќе продолжиме да се жалиме, да чекаме, да плаќаме скапо и да се прашуваме како дојдовме до тука… како да е нешто што се случило преку ноќ, а не со години, тивко, чекор по чекор.
Б.З.М.



