Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, на панелот на Светскиот економски форум во Давос изјави дека светот е на прагот на нова, неизвесна ера, во која претходниот поредок базиран на глобална соработка, слободна трговија и силната улога на Соединетите Американски Држави постепено се повлекува пред лицето на пофрагментирани и непредвидливи односи.
Како што оцени Лагард, однесувањето на САД во последно време изгледа невообичаено за сојузник, што дополнително придонесува за чувството на влегување во „новиот светски поредок“.
Зборувајќи за европската економија, Лагард нагласи дека земјите од Европската Унија би биле многу посилни доколку ги отстранат нетарифните трговски бариери, односно регулаторните и административните пречки што ја отежнуваат прекуграничната продажба на стоки и услуги.
Според неа, во Европа има простор да се постигнат подобри перформанси кога станува збор за економскиот раст, продуктивноста и нивото на долг.
Лагард истакна дека инфлацијата во Еврозоната е под контрола и дека евентуалното воведување на тарифи би имало само мал нагорен ефект врз растот на цените. Сепак, таа предупреди дека последиците од царинските мерки ќе бидат нееднакви, при што германската економија, поради нејзината силна извозна ориентација, ќе биде значително повеќе погодена од француската.
На крајот, претседателката на ЕЦБ оцени дека монетарната политика е во добра позиција и дека централната банка може да одржи претпазлив, неутрален пристап, додека ги следи понатамошните случувања. Таа потсети дека референтната каматна стапка е намалена на 2,0 проценти, што е во средината на проценетиот неутрален опсег, додека инфлацијата се движи во границите што ЕЦБ ги смета за стабилни веќе неколку месеци.



