Договорот меѓу Европската Унија и латиноамериканскиот блок Меркосур беше потпишан во главниот град на Парагвај, Асунсион, по 25 години преговори, објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Таа напиша на својот Инстаграм профил дека договорот е „во изработка 25 години“.
„Договорот меѓу ЕУ и Меркосур е достигнување на една генерација. За доброто на идните генерации. Да живее пријателството меѓу нашите народи и нашите континенти“, напиша фон дер Лајен.
Договорот го потпишаа фон дер Лајен, претседателите на Аргентина, Уругвај и Парагвај, Хавиер Милај, Хаманда Орси и Сантијаго Пења.
Меркосур, што е кратенка за Јужен заеднички пазар, е основан како регионален трговски договор во 1991 година од Аргентина, Бразил, Уругвај и Парагвај.
Договорот меѓу ЕУ и Меркосур треба да создаде најголема зона на слободна трговија во светот, која ќе вклучува околу 700 милиони луѓе и, како што претходно објави Европската комисија, ќе биде најголемата од ваков вид во светот.
Како што е наведено, планот е во голема мера да се укинат царинските и трговските бариери меѓу ЕУ и земјите од Меркосур.
Европската комисија процени дека договорот би можел да го зголеми годишниот извоз на ЕУ во Јужна Америка за до 39 проценти, или 49 милијарди евра, што би поддржало повеќе од 440.000 работни места низ цела Европа.
Особено големи можности се гледаат за автомобилската, машинската и фармацевтската индустрија, а ЕК, со цел да ги ублажи сегашните протести на земјоделците против планираната зона за слободна трговија, неодамна изготви дополнителни клаузули за економска заштита.
Во случај на штетно зголемување на увозот од земјите од Меркосур или прекумерен пад на цените за производителите од ЕУ, можат брзо да се спроведат контрамерки, што би довело до привремено прекинување на царинските бенефиции.
Особено интензивно следење е планирано за увоз на производи како што се говедско месо, живина, ориз, мед, јајца, лук, етанол, цитрусни овошја и шеќер.
Извештај за влијанието на увозот од земјите од Меркосур ќе се објавува на секои шест месеци.
Главната причина зошто потпишувањето на договорот е одложено е загриженоста на земјоделците за можниот прилив на евтини производи од Меркосур, како што се говедското месо и шеќерот, но и можниот притисок за намалување на стандардите за производство.
Поради намерата на ЕУ да постигне договор со Меркосур, во претходните недели во неколку земји од ЕУ беа одржани протести од страна на земјоделците кои бараа подобра заштита на нивните производи и на пазарот.
Белгиските земјоделци протестираа преку ноќ на товарниот терминал на аеродромот во Брисел против потпишувањето на договорот, а се очекуваат и понатамошни протести пред Европскиот парламент во Стразбур во вторник, поради страв од нелојална конкуренција од странски земјоделски производи.
За да стапи договорот во сила, тој мора да добие согласност од Европскиот парламент, а треба да биде ратификуван од законодавните тела на членовите на Меркосур: Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, што се очекува да биде полесен процес.
На 21 јануари, европратениците ќе гласаат дали да го упатат договорот до Судот на правдата на Европската Унија за да ја проверат неговата компатибилност со европските договори, а конференцијата на претседатели на Европскиот парламент ја стави точката на привремениот дневен ред за следната пленарна седница.
На 9 јануари, 21 членка на ЕУ дадоа зелено светло за Европската Унија да потпише договор за слободна трговија со јужноамериканската политичка и економска организација Меркосур, додека Австрија, Франција, Унгарија, Ирска и Полска беа против, а Белгија се воздржа.
За одобрување беа потребни најмалку 15 земји, што претставуваат 65 проценти од вкупното население на ЕУ.



