Европскиот банкарски сектор влегува во период на длабоки промени што би можеле да имаат сериозни последици врз пазарот на трудот. Според анализата на инвестициската банка Морган Стенли, објавена од Фајненшл тајмс, до 2030 година, повеќе од 200.000 работни места би можеле да исчезнат во европските банки. Причината е сè посилното воведување на вештачката интелигенција, но и континуираното затворање на традиционалните филијали.
Таквото сценарио би значело губење на приближно десет проценти од вкупната работна сила во 35-те најголеми европски банки. Најголемиот товар на реструктуирањето, се наведува во извештајот, ќе падне врз таканаречените back-office функции, управувањето со ризици и усогласеноста со регулаторните правила – делови од банкарскиот систем кои се клучни за секојдневното работење, но честопати остануваат надвор од фокусот на јавноста. Токму во овие сегменти алгоритмите и автоматизираните системи веќе покажуваат значително поголема брзина и ефикасност во обработката на податоци во споредба со човечката работа.
Банките ги гледаат ваквите технологии како можност за драстично намалување на трошоците. Според проценките на „Морган Стенли“, примената на вештачката интелигенција би можела да ја зголеми оперативната ефикасност до 30 проценти, што објаснува зошто раководствата на банките сè повеќе отворено размислуваат за намалување на бројот на вработени.
Трендот не е ограничен само на Европа. Американската инвестициска банка „Голдман Сакс“ веќе ги предупреди вработените во САД минатата есен за намалување на бројот на вработени и замрзнување на вработувањето до крајот на 2025 година. Тоа е дел од внатрешната стратегија за развој на вештачката интелигенција, позната како „OneGS 3.0“, која вклучува процеси од воведување нови клиенти до регулаторно известување.
Во Европа, некои банки веќе презедоа конкретни чекори. Холандската „АБН Амро“ планира да го намали бројот на вработени за околу 20 проценти до 2028 година, додека шефот на француската банка „Сосиете Женерал“ неодамна изјави дека „ништо не е свето“ во процесот на трансформација.
Сепак, постојат и предупредувања во рамките на индустријата дека прекумерната зависност од автоматизација може да има долгорочни негативни последици. Еден од менаџерите на американската банка JPMorgan Chase изјави за „Фајненшл тајмс“ дека банкарскиот сектор би можел скапо да плати ако, поради автоматизацијата, помладите банкари никогаш не ги стекнат основните знаења и искуство потребни за посложени финансиски задачи.



