ПочетнаЕКОНОМИЈАКој ќе работи ако сите чекаат „подобри времиња“?

Кој ќе работи ако сите чекаат „подобри времиња“?

Сезонските огласи во Хрватска, Црна Гора и во Словенија не се само уште една вест за „повисоки плати во странство“, туку јасен сигнал дека пазарот на труд во регионот влезе во нова фаза.

Фаза во која државите отворено признаваат дека без масовен увоз на работна сила економијата не може да функционира.

Платите од 2.000 до 2.200 евра не се резултат на великодушност, туку на паника.

За разлика од нив, Македонија сè уште се однесува како да има време. Како да е можно со истите плати, истите услови и истата демографска слика да се задржи работната сила. Тоа е погрешна претпоставка. Реалноста одамна ја поби.

Изјавите дека платите „мора да растат, но внимателно“ звучат рационално само на хартија. Во пракса, внимателното зголемување на платите веќе не е доволно.

Кога разликата меѓу 600 и 2.000 евра е толку драстична, младите не преговараат – тие заминуваат. Тука нема лојалност, нема трпение, нема чекање „подобри времиња“.

Работодавците, со право, предупредуваат дека нагло зголемување на платите може да ги уништи компаниите. Но, не ја кажуваат целата вистина: моделот на евтина работна сила е исцрпен.

Тој функционираше додека имаше луѓе. Денес тие луѓе ги нема. И тоа не е проблем на иднината, туку на сегашноста.

– Сите држави во околината имаат повисоки квоти за увоз на работници од нас. И Србија е далеку пред Македонија – брифираат од Организација на работодавачи на Македонија.

Оваа констатација е клучна. Србија одамна ја прифати реалноста дека домашниот пазар на труд е недоволен. Затоа денес таму работат илјадници луѓе од Азија, Блискиот Исток и Русија.

Македонија, пак, сè уште дебатира дали увозот на работна сила носи „негативности“, наместо да се праша што ќе се случи ако не го направи тоа.

Стравот од увоз на работници е делумно оправдан, но и удобно алиби. Негативности има, но алтернативата е уште полоша: празни фабрики, затворени ресторани, нереализирани проекти и пад на производството. Во таа равенка, увозот на работна сила не е избор – туку нужност.

Клучниот проблем е што Македонија нема јасна стратегија. Ниту за задржување на домашните работници, ниту за системски увоз на странски.

Сè се сведува на ад-хок решенија, мали квоти и бирократски процедури кои ја прават земјата неконкурентна дури и во трката за странски работници.

Регионалната слика е брутално искрена: оној што не може да понуди плата, услови или брза процедура – испаѓа од игра.

Македонија моментално губи на сите три полиња. Ако тоа не се признае навреме, сезонските огласи од соседството нема да бидат само привремено искушение, туку трајна карта во еден правец за македонската работна сила.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП