Компанијата GRU Space јавно објави план за изградба на серија сè понапредни живеалишта на Месечината, чиј главен белег би бил хотел инспириран од Палатата на ликовни уметности од Сан Франциско.
Порано оваа недела, компанијата ги покани заинтересираните страни да платат депозит од помеѓу 250.000 и 1 милион долари, што би ги квалификувало за место на една од првите мисии на површината на Месечината, потенцијално веќе за шест години од сега.
Звучи како научна фантастика
Сето ова изгледа како научна фантастика, особено затоа што GRU Space, според основачот Скајлер Чен, имал само еден вработен со полно работно време на крајот од минатата година – тој самиот. Чен, во меѓувреме, неодамна дипломирал на Универзитетот во Калифорнија, Беркли.
Сето тоа може да се отфрли како младешки тренд, но Чен ги презентира своите идеи сериозно и внимателно. И додека често се зборува за експлоатацијата на ресурсите на Месечината, тој верува дека најстабилната долгорочна активност всушност ќе биде – вселенскиот туризам. Месечината, како што вели тој, ги има сите предиспозиции да стане исклучителна дестинација, пишува arstechnica.com
Кои се идните гости?
Како и многу млади луѓе, Чан пораснал сонувајќи да стане астронаут. Сепак, за време на студиите, сфатил дека може да има поголемо влијание ако помогне вселената да стане достапна за сите, а не само за неколкумина избрани.
„Сфатив дека живеам во време кога човештвото навистина може да стане меѓупланетарен вид, а тоа е веројатно најважното нешто на кое секој може да се посвети“, рече Чан.
За време на студиите, работел како практикант во Тесла, развивал софтвер за возила и учествувал во проект за 3Д печатач финансиран од НАСА, лансиран во вселената. Тогаш дошол до клучен увид: речиси сите проекти поврзани со Месечината се потпираат на државата или милијардерите. Но, кои се вистинските комерцијални корисници?
„Сфатив дека недостасува третиот столб – индустријата за вселенски туризам. Ако можеме да изградиме хотел на Месечината, тогаш можеме да изградиме инфраструктура – магацини, бази, патишта. А подоцна, да го повториме истото и на Марс.“
Амбициозен, но не без основа
Името GRU е кратенка за користење на галактички ресурси, а долгорочната визија на компанијата е да ги користи ресурсите на Месечината, Марс и астероидите за да го прошири човечкото присуство во вселената.
Иако звучи многу амбициозно, проектот веќе има почетна поддршка – GRU Space доби „основна“ инвестиција од Y Combinator, еден од најпознатите „стартап“ забрзувачи.
Првата демонстративна мисија е планирана за 2029 година, кога компанијата би испратила мал товар на комерцијален лендер на Месечината. Целта е да се тестираат надувувачки структури и производство на „месечеви тули“ од реголит. Следниот чекор би бил поголем објект поставен во природни месечеви вдлабнатини.
Првиот вистински хотел, исто така од надувувачка конструкција, е планиран за 2032 година и би можел да прими до четири гости. Подоцна, би следела полуксузна верзија, изградена од материјали добиени на самата Месечина, моделирана по познатата Палата на ликовни уметности.
Зошто хотел, а не авион?
Едно од логичните прашања е: зошто воопшто да се гради хотел, ако туристите патуваат со вселенски летала како што е SpaceX Starship?
„SpaceX прави транспорт, како FedEx“, вели Чан. „Но, мора да има дестинација каде што сакате да престојувате. Не можеме да живееме засекогаш во бродот што прв нè донесе. Ако сакаме да останеме, мора да изградиме објекти, инфраструктура и места за живеење.“



