Работната сила од странство одамна не е теоретска тема, туку секојдневие што тивко се вселува во фабриките, градилиштата, хотелите и кујните. Некои ќе кажат: конечно решение за хроничниот недостиг од работници. Други: почеток на нови проблеми што допрва ќе испливуваат. Вистината, како и обично, е некаде меѓу, но не е ни мирна ни едноставна.
Во земја во која илјадници луѓе со години си заминуваат „привремено“, а ретко се враќаат, пазарот на труд одамна почна да се суши. Фирмите тоа го чувствуваат најдиректно – огласи што стојат со месеци, работа што не може да почне навреме, договори што висат.
Во таква ситуација, ангажирањето работници од странство се појавува како логичен чекор, дури и како нужност.
„Ние веќе немаме избор, ако не донесеме луѓе од надвор, ќе затвориме линии“, велат познавачи од реалниот сектор. И тоа не звучи како закана, туку како сува констатација.
Но, токму тука почнува непријатниот дел од приказната. Странската работна сила не доаѓа во празен простор. Таа влегува во економија со ниски плати, слаба заштита на работничките права и веќе постоечки социјални тензии.
Аналитичарите предупредуваат дека ако увозот на работници се прави стихијно, без јасни правила и контроли, ризикот е реален и значи дополнителен притисок врз платите, нелојална конкуренција меѓу работниците и нови линии на поделба. Особено таму каде што и онака врие под површината…
„Прашањето не е дали ни треба странска работна сила, туку како ја внесуваме во системот“, објаснуваат експерти за трудово право.
Ако тие луѓе работат под полоши услови, за помали плати и без социјална сигурност, ефектот ќе биде лош. И домашните работници ќе почувствуваат дека се заменливи, дека нивната позиција слабее. Тоа веќе не е економија, туку психологија, а таа знае да биде незгодна.
Од друга страна, има и аргументи што не смеат да се игнорираат. Без дополнителна работна сила, дел од секторите едноставно нема да преживеат. Туризмот, градежништвото, одредени индустрии – сите тие веќе се потпираат на луѓе што доаѓаат од подалечни земји.
Познавачите велат дека тоа може да биде и шанса, ако се направи паметно: со исти плати, исти обврски и исти права. Тогаш странскиот работник не е закана, туку колега. Но тоа „ако“… токму тоа е големото ако.
Во позадина стои и едно потешко прашање, кое ретко се кажува на глас. Зошто воопшто сме дојдени до точка да увезуваме работна сила, а да извезуваме млади и способни луѓе?
Економските анализи јасно покажуваат дека проблемот не е во тоа што нема луѓе, туку што нема доволно услови за тие да останат. И тука странската работна сила може да биде само фластер, не лек. Краткорочно олеснување, долгорочно – можеби одложување на вистинската болка.
Некои експерти дури предупредуваат дека ако ова стане доминантен модел, државата ќе се навикне да не го решава суштинскиот проблем – ниската продуктивност, слабата вредност на трудот, отсутната стратегија за човечки капитал. Ќе биде полесно да донесеш работник од надвор, отколку да создадеш услови некој од тука да не си замине. И тоа звучи практично, сè додека не сфатиш дека така се губи контрола врз сопствената иднина.
Значи, спас или нов проблем? Веројатно и двете. Спас за фирмите што денес немаат кој да работи. Потенцијален проблем ако државата и бизнисот го гледаат само краткиот рок.
Без јасни правила, без еднаков третман и без паралелна борба за подобри услови за сите работници, приказната лесно може да тргне во погрешна насока. А тогаш… ќе се чудиме како повторно сме стигнале тука.
Или, уште полошо, нема ни да се чудиме, туку ќе ни стане нормално.
Б.З.М.



