И покрај националните протести во Иран и годините на надворешен притисок, сè уште нема знаци на поделба во безбедносната елита на Исламската Република што би можело да стави крај на еден од најотпорните режими во светот, пишува анализа на Ројтерс.
Дополнителен притисок врз иранските верски лидери врши и американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано се заканува со воена акција поради суровото задушување на протестите.
Но, освен ако уличните немири и странскиот притисок не предизвикаат дезертерство на самиот врв, режимот веројатно ќе преживее иако е ослабен, изјавија за Ројтерс двајца дипломати, двајца извори од блискоисточната влада и двајца аналитичари.
Слоевитата безбедносна архитектура на Иран, заснована на Револуционерната гарда и паравоените сили Басиџ, кои заедно бројат близу милион луѓе, ја прави промената на режимот без внатрешен раскол исклучително тешка, рече иранско-американскиот професор по политички науки Вали Наср, експерт за регионални конфликти и надворешна политика на САД.
„За да успее такво нешто, мора да имате толпи на улиците многу подолг временски период. И мора да го видите колапсот на државата. Некои сегменти од државата, особено безбедносните сили, мора да преминат на другата страна“, рече тој.
Ова се случи во револуцијата во 1979 година кога еден дезертер офицер уапси генерали во армијата, полицијата и тајната полиција. Огромната иранска армија, со сите свои гранки, потоа остана без командна структура и се распадна за еден ден, изјави во статија за „Џерусалим пост“ израелскиот бригаден генерал Јицак Сегев, кој беше сведок на револуцијата од прва рака како воен аташе и шеф на мисијата на израелското Министерство за одбрана во Иран.
Врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, кој има 86 години, преживеа неколку бранови немири. Ова е петто големо востание од 2009 година, доказ за отпорноста и кохезијата на режимот дури и кога се соочува со длабока, нерешена внатрешна криза, рече Пол Салем од Институтот за Блискиот Исток.
За да го променат тоа, демонстрантите ќе треба да изградат доволно силен моментум за да ги надминат длабоко вкоренетите средства на државата: моќни институции, значителен број поддржувачи лојални на клерикалното владеење и географската и демографската големина на земјата од повеќе од 90 милиони луѓе, рече поранешниот американски дипломат и експерт за Иран, Алан Ејр.
„Зомби режим “
Сепак, опстанокот не значи стабилност, забележуваат аналитичарите.
Исламската Република се соочува со еден од најтешките предизвици од 1979 година. Санкциите ја задушија економијата без јасен пат кон закрепнување. Таа е под стратешки притисок од Израел и САД, нејзината нуклеарна програма е запрена, а регионалната „Оска на отпорот“ е ослабена од тешките загуби што ги претрпеа нејзините сојузници во Либан, Сирија и Појасот Газа.
Наср не мисли дека Исламската Република го достигнала „моментот на колапс“, туку дека „сега е во големи тешкотии“.
Аналитичарите истакнуваат дека иранскиот режим е идеолошки ослабен и дека национализмот се зајакнува во земјата. Националните интереси станаа поважни за луѓето од шупливата идеологија и регионалниот авантуризам на режимот, и тие сакаат нормален живот.
Многумина го поддржуваат поранешниот наследник на престолот, Реза Пахлави, кој живее во егзил од 1979 година. Тој ги охрабрува и им кажува дека сака да му помогне на Иран во неговата транзиција кон демократија, а можеби и да служи како уставен монарх ако народот го избере.
„Како Советскиот Сојуз во 1980-тите, Исламската Република во голема мера ги изгуби своите убедувања. Само мал процент од членовите на режимот навистина веруваат во него; повеќето се мотивирани од богатството и привилегиите“, напишаа американските политиколозите Карим Саџадпур и Џек А. Голдстоун во статија насловена како „Дали иранскиот режим ќе падне?“ за списанието „Атлантик“.
Во последните децении, иранскиот режим ја претвори Револуционерната гарда во воено-индустриски комплекс од кој течат мрежи на богатство и моќ.
Сијамак Намази, иранско-американски бизнисмен кој осум години бил држен како заложник од режимот, ја споредил иранската држава со „група на сопернички мафии – доминирани од Револуционерната гарда и нејзините поранешни членови – чија највисока лојалност не е кон нацијата, религијата или идеологијата, туку кон личното збогатување“.
„Ниту еден висок командант на Револуционерната гарда досега не пребегнал или не упатил ниту блага јавна критика кон ајатолахот Хамнеи, и покрај годините протести низ целата земја и целните израелски атентати на дваесетина високи функционери во нивните редови“, рекоа Саџадпур и Голдстоун. „За многу од овие команданти, губењето на моќта би значело губење на богатството и потенцијално на нивните животи. Тие веројатно би биле последните што ќе се свртат против режимот. Ако го сторат тоа, режимот нема да преживее“.
„Исламската Република денес е зомби режим. Нејзината легитимност, идеологија, економија и врвни лидери се мртви или умираат. Она што ја одржува жива е смртоносна сила. Најважниот елемент што сè уште недостасува за целосен револуционерен распад е моментот кога репресивните сили ќе одлучат дека повеќе немаат никаква корист од режимот и од себеси.
„Реформатори и конзервативци“
Во Иран постои поделба на фракции познати како „реформисти“ и „конзервативци“, но Јицак Сегев нагласи дека ова не треба да се смета за сериозна закана за опстанокот на режимот. Двете групи се борат за контрола врз истата владејачка структура, уживаат во нејзините плодови и всушност не нудат различни алтернативни системи, објасни тој.
„Поделбата меѓу нив не може да биде катализатор за длабока промена на режимот“.
„Ако се случи промена во Иран, таа ќе дојде одвнатре, поттикната од комбинација на јавен притисок, економски колапс, промена на лојалноста и организациските способности. Ова се клучни фактори што треба да се следат за да се разбере дали земјата е на работ на историска пресвртница“, верува Сегев.
Протестите започнаа на 28 декември минатата година поради падот на иранската валута и галопирачката инфлација, но наскоро се претворија во отворен бунт против теократскиот режим и врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи. За една недела, тие ги освоија сите ирански провинции. Политички, насилното задушување на протестите дополнително го еродираше она што остана од легитимитетот на режимот.
Американската група за човекови права HRANA во среда објави дека ја потврдила смртта на најмалку 2.571 лице – 2.403 демонстранти, 147 лица поврзани со властите, 12 лица под 18 години и девет цивили кои не протестирале. Уапсени се повеќе од 10.000 лица. Иранските власти не објавија официјални бројки, а Ројтерс не можеше независно да ги потврди бројките.
Според податоците на организацијата за човекови права Иран Хјуман Рајтс (IHRNGO) објавени во среда, убиени се најмалку 3.428 демонстранти. Здружението со седиште во Осло верува дека вистинскиот број на загинати може да биде значително поголем.
Трамп има валидни опции
Она што го издвојува овој момент и ги зголемува влоговите, посочија аналитичарите, се експлицитните предупредувања на Трамп дека убивањето демонстранти може да предизвика американска интервенција.
Трамп, исто така, се закани со царини за земјите што тргуваат со Иран. Ова првенствено се однесува на Кина, која е најголемиот трговски партнер на Иран. По неа следуваат Ирак, Обединетите Арапски Емирати и Турција, како и Пакистан, Авганистан, Индија и Русија.
Техеран ги предупреди американските сојузници на Блискиот Исток, од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати до Турција, дека ќе нападне американски бази на нивна територија доколку Вашингтон го нападне Иран, изјави во среда за Ројтерс висок ирански функционер.
Функционерот додаде дека директните контакти меѓу иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, се суспендирани.
Интересот на Трамп за протестите е веројатно тактички, а не идеолошки, рече Пол Салем. Целта може да биде доволно да се ослаби државата за да се извлечат отстапки како што се ограничувањата на нуклеарната програма. Белата куќа не одговори на барањето за коментар за целите на Трамп во Иран.
„Венецуелскиот модел“ има растечки одзив во некои кругови во Вашингтон и Ерусалим, изјавија еден дипломат и тројца аналитичари. Тој модел предвидува отстранување на врховниот лидер на Иран, а воедно испраќање сигнал до остатокот од државниот апарат дека може да остане на место доколку соработува.
Во случајот со Иран, сепак, ова би наишло на огромни пречки – безбедносна држава воспоставена со децении, длабока институционална кохезија и многу поголема и етнички посложена земја, забележува Ројтерс.
Хамнеи, за кого долго време се вели дека е во лоша здравствена состојба, молчеше од 12-дневната војна кога Трамп го отфрли израелскиот план да го убие, според американските медиуми. Хамнеи е познат по тоа што живее скромно, а понекогаш и длабоко под земја.
Двајца регионални функционери и двајца аналитичари за Ројтерс изјавија дека странската воена акција би можела да го подели Иран по етнички и религиозни линии, особено во курдските и сунитските региони на Белуџистан кои имаат историја на отпор.
Дејвид Маковски од Вашингтонскиот институт рече дека ако Трамп дејствува, очекува брза акција со силно влијание, наместо долготрајна кампања – што е во согласност со преференциите на претседателот во неодамнешните конфликти.
„Тој бара еден гест што би донел пресврт, но каков би бил тој?“, праша Маковски.
Опциите се движат од поморски притисок врз иранските испораки на нафта до целни воени или сајбер напади, но сите носат сериозни ризици. Други мерки што не би отишле до употреба на сила се можни, велат сите извори, како што е враќање на пристапот до интернет преку Старлинк со цел да им се помогне на демонстрантите да комуницираат.
Белата куќа и Стејт департментот не одговорија на прашањата од Ројтерс за тоа какви мерки, ако воопшто преземе, би можел Трамп.
„Трамп понекогаш користи закани за одложување на одлуките, понекогаш за одвраќање на противниците, а понекогаш за да сигнализира дека всушност се подготвува да интервенира“, рече Маковски.
„Но, сè уште не знаеме што значи тоа во овој случај.“



