ПочетнаЗДРАВЈЕОд музика до сложувалки: Активности што го подобруваат расположението во зима

Од музика до сложувалки: Активности што го подобруваат расположението во зима

Секојдневните навики, од начинот на кој го започнуваме денот, до активностите што ги избираме во слободното време, имаат силно влијание врз нашето ментално здравје, особено во зимските месеци. Студеното време, кратките денови и помалата изложеност на сонце често носат чувство на замор, безволност и недостаток на мотивација.

Според студија објавена во 2023-та година, креативните активности како градинарството, уметноста или едноставните хобија се директно поврзани со поголемо задоволство од животот. Лиценцираниот психолог д-р Ли Кејлор за „Real Simple“ објаснува дека во зима често чувствуваме копнеж по храна, кафе или социјална интеракција, бидејќи нивото на допамин – хормонот поврзан со чувството на задоволство – природно опаѓа.

Допаминот игра клучна улога во мотивацијата, наградата и доброто расположение. Кога неговото ниво е пониско, се чувствуваме уморно и демотивирано, па затоа мозокот нè „турка“ кон активности што можат повторно да го активираат.

Експертите советуваат дека не е потребна драстична промена за да се подобри психолошката состојба. Доволно е да се внесе мал пресврт во веќе познатите навики – ново кафуле, поинаков рецепт или учење мала нова вештина. Таквите мали предизвици му даваат свеж стимул на мозокот.

Музиката, исто така, има моќно влијание. Оптимистичната и ритмична музика може да ја зголеми енергијата и мотивацијата, додека побавните и смирувачки мелодии помагаат во намалување на стресот и емоционалната напнатост.

Дополнително, активностите што бараат концентрација, како сложувалките и логичките игри, го активираат системот за наградување во мозокот. Секој мал успех носи чувство на исполнетост и го поттикнува лачењето на допамин, што помага да се одржи позитивно расположение и ментална ангажираност.

Пораката е јасна: иако зимата носи предизвици за менталното здравје, со мали, но свесни избори можеме значително да го подобриме нашето секојдневно чувство и енергија.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП