Претседателот на САД, Доналд Трамп, се осврна на изјавите на премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, и рече дека дури и не знае кој е.
Имено, Нилсен претходно изјави дека ако Гренланд треба да избере помеѓу Данска и САД, секогаш ќе ја избере Данска.
„Сега се соочуваме со геополитичка криза и ако треба да избереме помеѓу Соединетите Американски Држави и Данска тука и сега, тогаш ја избираме Данска. Го избираме Гренланд каков што го знаеме денес, кој е дел од Кралството Данска“, рече Нилсен на заедничката прес-конференција со данската премиерка Мете Фредериксен во Копенхаген.
Неговата изјава беше дочекана со негодување од страна на американскиот претседател.
„Тоа е нивен проблем. Не се согласувам со него. Не знам кој е. Не знам ништо за него, но тоа ќе биде голем проблем за него“, рече Трамп.
Иако арктичкиот остров со 57.000 жители долго време дебатира за својата независност од Данска, анкетите на јавното мислење покажуваат дека жителите на Гренланд се убедливо против идејата за приклучување кон САД. Таа загриженост се одрази на изборите во март минатата година, кога тројца од четворица гласачи од Гренланд ги поддржаа партиите што се залагаа за бавен пат кон независност.
Министрите за надворешни работи на Гренланд и Данска ќе се сретнат во Вашингтон во среда (14 јануари) со потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, и државниот секретар Марко Рубио, по обновените закани за преземање на контролата врз Гренланд.



