Црните семки од сусам се, всушност, обични семки од сусам кај кои е задржана надворешната обвивка. Тие се добар извор на влакна, антиоксиданси и минерали, па можат да придонесат за подобро варење, здравје на мозокот и цврстина на коските.
Може да се додаваат во јогурт, салати или различни солени јадења. Освен тоа, содржат здрави масти и протеини кои можат да помогнат во стабилизирањето на нивото на шеќер во крвта. Сепак, експертите предупредуваат дека е препорачливо да се воведуваат постепено, особено кај луѓе со чувствителен стомак, и потсетуваат дека алергиите на сусам се релативно чести, пишува Health.com.
Добри се за варење
Црните семки од сусам се добар извор на влакна. Порција од околу 28 грама содржи приближно 3 грама влакна, што претставува околу 11–12 проценти од препорачаниот дневен внес. Канадската диететичарка Сара Глински објаснува дека црните семки од сусам, бидејќи ја задржуваат надворешната обвивка, содржат повеќе влакна во споредба со белите. Влакната го зголемуваат волуменот на столицата и ја омекнуваат, што може да го олесни празнењето и да помогне при запек.
Богати со антиоксиданси
Црните семки од сусам содржат антиоксиданси како витамин Е, флавоноиди и полифеноли. Тие помагаат во заштита на клетките од оштетување предизвикано од слободни радикали и можат да придонесат за намалување на воспалението во организмот. Според диететичарката Емили ЛаБомбард, црните семки од сусам имаат тенденција да содржат повеќе антиоксиданси – особено витамин Е и флавоноиди – отколку белите семки.
Позитивно влијание врз мозочните клетки
Истражувањата покажуваат дека околу половина од составот на семките од црн сусам се масти. Незаситените масти често се поврзуваат со подобра когнитивна функција и меморија, како и со помал ризик од когнитивен пад. Црните семки од сусам содржат и мали количини омега-3 масни киселини, кои можат да придонесат за подобар проток на крв во мозокот и нормална функција на мозочните клетки.
Минерали важни за коските и мускулите
Црните семки од сусам се богати со минерали како калциум, железо и магнезиум, кои се важни за здравјето на коските, мускулите и нервниот систем. Порција од две лажици црни семки од сусам содржи околу 180 милиграми калциум, 2,7 милиграми железо и 64 милиграми магнезиум.
ЛаБомбард препорачува комбинирање на семките од црн сусам со друга храна богата со овие минерали – како лиснат зелен зеленчук, млечни производи и црвено месо – за дополнително зголемување на вкупниот внес.
Извор на протеини
Протеините сочинуваат околу една петтина од составот на семките од црн сусам. Иако сами по себе не се клучни за градење мускули, тие можат да придонесат за подолго чувство на ситост и постабилно ниво на шеќер во крвта. Регистрираната диететичарка Кристен Карли додава дека попрскувањето семки врз оброците – како на пример врз тост со авокадо или во овесна каша – може да го продолжи чувството на ситост меѓу оброците.
Можни дигестивни тегоби
И покрај придобивките, внесот на поголеми количини влакна може да предизвика надуеност или други дигестивни тегоби кај почувствителни лица, забележува Глински. Затоа се препорачува семките да се воведуваат постепено, за дигестивниот систем да има време да се прилагоди.
Ризик од алергиска реакција
Сусамот е еден од почестите алергени. Кај лица кои не се свесни дека се алергични, може да предизвика симптоми како чешање, оток, тешкотии при дишење или свирење во градите. Доколку постои сомнеж за алергија, најдобро е да се консултира лекар и, доколку е потребно, да се направи тестирање.



