ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто фирмите тешко наоѓаат работници, а луѓето тешко наоѓаат работа?

Зошто фирмите тешко наоѓаат работници, а луѓето тешко наоѓаат работа?

Фирмите се жалат дека нема кој да работи, луѓето се жалат дека нема каде да се вработат. И двете страни звучат убедливо. И двете, барем на прв поглед, имаат аргументи. А сепак, пазарот на труд во Македонија како да живее во паралелни светови што ретко се допираат.

Работодавачите со месеци држат отворени огласи. Недостигаат продавачи, мајстори, возачи, техничари, угостители, административци. Недостигаат и високообразовани кадри, и занаетчии, и луѓе што „само“ ќе доаѓаат редовно на работа.

Од другата страна, илјадници граѓани секојдневно испраќаат биографии, одат на разговори, добиваат љубезни одбивања или, уште почесто, никаква повратна информација. Нешто очигледно не се поклопува.

„Имаме ситуација на структурен јаз – тоа што го бараат фирмите не одговара на тоа што го нудат работниците, и обратно“, велат аналитичари на пазарот на труд.

Проблемот, објаснуваат, одамна не е само во бројките, туку во очекувањата. Работодавачите бараат флексибилност, искуство, лојалност, подготвеност за прекувремена работа и брзо прилагодување.

Работниците бараат плата од која може да се живее, јасно работно време, почит и барем минимално чувство на сигурност.

Платата, сепак, е првата точка каде разговорот најчесто се распаѓа. Многу огласи и понатаму нудат примања блиску до минималецот, со ветување дека „со тек на време ќе расте“.

Луѓето што веќе едвај ги покриваат сметките немаат луксуз да чекаат.

„Фирмите често забораваат дека работникот денес не размислува за кариера од 20 години, туку за тоа како ќе го истурка месецот“, велат познавачи на состојбите.

Од друга страна, дел од работодавачите признаваат дека се соочуваат со нереални барања. Кандидати кои сакаат висока плата без искуство, одбиваат обука, или по неколку недели заминуваат без објаснување.

„Луѓето доаѓаат, гледаат дека работата не е лесна и си одат. Нема трпение“, велат од бизнис-заедницата. И тука има вистина. Но таа вистина не ја поништува другата.

Дополнителен проблем е што голем дел од работните места се со лошо дефинирани услови. Огласите се општи, разговорите нејасни, обврските се менуваат…

Она што на хартија изгледа како осумчасовна работа, во пракса често станува десетчасовна, со пораки по телефон и за викенд. Работниците тоа го препознаваат брзо и… едноставно не прифаќаат.

Свој удел има и иселувањето. Младите, особено оние со занает или баран профил, одамна не чекаат домашен оглас. За иста или слична работа во странство добиваат повеќе пари, појасни правила и, што е важно, чувство дека нивниот труд има вредност.

„Не е дека луѓето не сакаат да работат, туку не сакаат да работат под било какви услови“, велат експерти.

Парадоксот се продлабочува и со образовниот систем, кој со години произведува кадри што тешко се вклопуваат во реалните потреби на економијата.

Теорија без пракса, дипломи без вештини. Фирмите бараат готови работници, а државата ретко посредува сериозно меѓу училиштата, компаниите и младите. Секој си турка своја приказна, па каде ќе излезе…

На крајот, и едните и другите се уморни. Работодавачите од постојаното барање, обука и заминување на кадар. Работниците од несигурност, ниски плати и чувство дека се лесно заменливи. Во тој замор се губи довербата, а без доверба пазарот не функционира.

Додека не се случи искрен разговор за платите, условите, очекувањата и одговорностите, и од едната и од другата страна, ќе продолжиме да ја слушаме истата реченица, од различни агли: нема луѓе, нема работа.

А вистината е некаде меѓу нив. Таму каде што ретко кој сака да застане и да ја погледне до крај, без разубавување и без изговори…

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП