Владата припрема ригорозен закон за пушење, кој предвидува забрана во ресторани, меани, кафулиња, барови, па дури и во автомобил доколку до вас се вози дете.
Законот предвидува забрана за пушење и на терасите на рестораните и кафулињата доколку не се соодветно отворени.
Дополнително, забрана ќе важи и за пушење во автомобил во присуство на дете, на автобуски и железнички станици, на пазари, како и во низа други институции и јавни простори.
Истата забрана со новиот предлог закон ќе важи и за сите типови на електронски цигари и вејп уреди, а дополнително се забранува користење ароматизирани цигари.
Цигарите, дали биле обични или електронски ќе се забранат за рекламирање и нема да смеат да бидат видливо изложени на рафтовите.
Новиот закон, кој наскоро ќе биде ставен на јавна расправа преку платформата ЕНЕР, предвидува строги правила за сите затворени јавни институции, како и за угостителските објекти.



