ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманската хемиска индустрија бара излез од кризата

Германската хемиска индустрија бара излез од кризата

Непосредно пред Божиќ, хемиската индустрија во источна Германија беше погодена од нови лоши вести. Германските подружници на белгиската компанија Домо Хемикалс поднесоа барање за заштита од банкрот, заедно со матичната компанија, која се смета за презадолжена. Околу 600 вработени во Лојна, во близина на Лајпциг, се погодени, објавува Ханделсблат.

Ова е уште еден тежок удар за германската хемиска индустрија, која се соочува со најтешкиот период во последните 30 години. Експертите очекуваат дополнителни отпуштања во 2026-та година, како резултат на комбинацијата од слаба побарувачка, високи трошоци за работна сила и енергија, како и прекумерна регулатива.

Според меѓународната кредитна агенција „Creditsafe“, постојат високи нивоа на презадолженост, особено кај средните хемиски компании, што може да ги доведе и останатите фирми во сериозно тешка позиција.

„Растечките ризици негативно влијаат врз економската одржливост на индустријата“, оценуваат од „Creditsafe“.

Покрај високите трошоци за енергија, кредитната агенција ја посочува и зголемената неизвесност во Германија како дополнителен товар. Сè уште е нејасно како и кога германската индустрија, а со тоа и клиентите на хемиските производители, ќе успеат да се опорават од кризата.

Домо Хемикалс е типичен пример за предизвиците со кои се соочуваат многу компании во секторот. Белгиската компанија произведува инженерска пластика и високоперформансни влакна што се користат во електрониката, стоките за широка потрошувачка и автомобилската индустрија. Од 2024-та година, компанијата се бори со слаба побарувачка и зголемени производствени трошоци во Европа.

Во 2025-та година, состојбата дополнително се влоши, делумно поради зголемениот прилив на евтин увоз на полиамидна смола од Кина. Тоа доведе до дополнителен пад на цените и, како последица, на профитабилноста. Сличен ефект се забележува и во другите сегменти на хемиската индустрија. Како резултат, компаниите со високо задолжување се соочуваат со притисоци, а нивното рефинансирање станува сè понеизвесно.

Опоравување не се очекува ниту во 2026-та година – напротив. Германското здружение на хемиската индустрија (VCI) прогнозира дополнителен пад на хемиското производство од еден процент во 2026-та година. Со оглед на тоа што се очекува и понатамошен пад на продажните цени, здружението го проценува намалувањето на приходите на околу 2,5 проценти.

Состојбата во индустријата веќе се оценува како катастрофална: локалните производители од 2021-ва година изгубиле повеќе од 20 проценти од обемот на производство, а многумина стравуваат дека овој капацитет ќе биде изгубен засекогаш. Искорисноста на производствените постројки е на најниско ниво во последните три децении.

Според податоците на фирмата за пазарни истражувања „ICIS“, хемиски постројки со капацитет од речиси 15 милиони тони во Европа ќе бидат затворени или продадени до крајот на 2025-та година. До крајот на 2028-ма година, овие намалувања би можеле да достигнат дури 24 милиони тони.

Инвестициската банка „Goldman Sachs“ очекува „фаза на нарушена консолидација на индустријата“ во периодот од 2026-та до 2028-ма година, што ќе вклучува спојувања, аквизиции и отцепувања на компании.

Според податоците на „Creditsafe“, стапката на ликвидација во секторот неодамна изнесувала 3,47 проценти, пресметано врз основа на вкупниот број компании, додека стапката на формирање нови фирми била само 1,3 проценти.

И покрај тешката состојба, хемиската индустрија потенцијално би можела да има корист од милијардите евра што Германија ги инвестира во патна и железничка инфраструктура, здравство, заштита на климата и одбрана, бидејќи секторот го снабдува речиси целиот индустриски ланец. Сепак, останува нејасно кога и во кој обем овие средства навистина ќе стигнат до хемиската индустрија.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП