Прашањето дали образованието сè уште носи подобра плата одамна не е теоретско. Луѓето го поставуваат секојдневно – на шалтер, во автобус, на кафе пауза, дома навечер кога ќе ги отворат сметките.
Дипломата, која со децении се сметаше за сигурна карта кон подобар живот, денес сè почесто изгледа како хартија со ограничена вредност. Не без причина. Пазарот на трудот се промени побрзо од образовниот систем, а платите… тие одамна не растат со иста логика како титулите.
Податоците и искуството од терен покажуваат дека високообразованите и понатаму, во просек, заработуваат повеќе од оние со пониско образование.
Но „во просек“ е клучниот збор што ја замаглува сликата. Разликите меѓу секторите се огромни, а разликите меѓу поединците уште поголеми.
Дипломиран инженер може да зема плата што едвај ја покрива киријата, додека занаетчија или ИТ самоук без формално образование може да има приходи за кои првиот само слуша.
„Образованието сè уште носи предност, но таа повеќе не е автоматска“, велат економски аналитичари.
Според нив, дипломата денес е само еден од факторите, и тоа не секогаш најважниот.
Практичните вештини, прилагодливоста и способноста да се научи нешто ново често тежат повеќе од години поминати во амфитеатри. А системот, додаваат тие, сè уште произведува кадар за работни места кои или не постојат, или се платени далеку под очекувањата.
Највидливо тоа се чувствува кај младите. Тие влегуваат на пазарот на труд со диплома, но и со чувство дека стартната линија не е таму каде што им била ветувана.
Почетните плати често се блиску до минималната, без оглед на степенот на образование.
„Кога по пет години студии почнуваш со плата која е едвај повисока од онаа на неквалификуван работник, логично е да се запрашаш – зошто?“, велат познавачи на пазарот на труд. И тоа прашање останува да виси во воздухот.
Сепак, образованието не е целосно девалвирано. Напротив, во одредени професии без него едноставно не се влегува.
Медицината, инженерството, делови од правото и образованието и понатаму бараат формална квалификација, а со годините искуство платите таму растат.
Но тоа е бавен процес, кој бара трпение што многумина веќе го немаат. Особено кога гледаат дека некој друг, со пократок пат, стигнал побрзо до стабилни приходи.
Експертите предупредуваат дека проблемот не е само во платите, туку и во очекувањата. Долги години се создаваше наратив дека дипломата сама по себе е доволна. Денес тоа повеќе не важи.
„Образованието дава основа, но не гаранција“, велат тие. И токму тука настанува јазот меѓу очекуваното и реалното, јаз што често се полни со разочарување, апатија или – заминување во странство.
Интересно е што кај постарите генерации сликата е поинаква. Кај нив образованието навистина се исплатело, но во поинакви економски услови, со поинаков пазар и помалку конкуренција.
Денешниот млад дипломец влегува во свет каде што дипломите се повеќе, а добро платените позиции – ограничени. И тука веќе не одлучува само знаењето, туку и мрежите, среќата, моментот. И, секако, подготвеноста да се работи нешто што можеби нема врска со струката.
Дали тоа значи дека образованието повеќе не вреди? Не. Но значи дека неговата улога се смени. Тоа повеќе не е билет за сигурна плата, туку алатка што мора постојано да се надградува. Без дополнителни вештини, без практично искуство, без подготвеност за промена – дипломата сама останува… па, само диплома.
И можеби токму тука е најголемата лекција. Образованието сè уште носи подобра плата, но не секогаш веднаш, не секогаш директно и не секогаш таму каде што сме замислувале.
А за оние што очекуваат брза награда, реалноста знае да биде прилично сурова.
Б.З.М.



