ПочетнаЕКОНОМИЈАРаботиш две работи, а пак немаш доволно – каде грешиш?

Работиш две работи, а пак немаш доволно – каде грешиш?

Работиш две работи, стануваш рано, легнуваш доцна, викендот одамна не е викенд, а на крајот на месецот – истата сметка. Истото чувство дека нешто не се поклопува. Дека математиката не излегува, иако бројките се тука, пред очи.

Оваа појава одамна престана да биде исклучок и полека станува правило за сè поголем број граѓани, кои паралелно држат две работни позиции, а сепак живеат од месец за месец, без простор за грешка.

Според податоци и анализи на пазарот на труд, второто работно место сè почесто не е избор, туку нужност. Дополнителна смена, хонорарна работа, онлајн ангажман, вечерна достава, административна помош, приватни часови… списокот е долг.

Но ефектот, велат познавачите, е сè пократок. Реалната куповна моќ на платите не го следи растот на трошоците, а инфлацијата, и кога формално се „стабилизира“, во џебот на граѓаните останува како трајна последица.

„Имаме ситуација каде што луѓето формално заработуваат повеќе, но суштински можат помалку“, објаснуваат економските аналитичари.

Причината не е само во висината на платите, туку во структурата на трошоците – храна, сметки, кирија, превоз, кредити. Сè што порано било основно, денес е значително поскапо. А второто работно место, наместо да донесе олеснување, често само ја покрива дупката што веќе постои.

Познавачи на социјалните движења предупредуваат дека ова води кон хроничен замор и тивка ерозија на квалитетот на живот. Два работни односи значат помалку време за семејството, за здравјето, за одмор. Луѓето функционираат на автопилот.

„Работиш, плаќаш, повторно работиш… и некаде по пат се губи чувството дека напредуваш“, вели еден од експертите со кои разговаравме. И додава, речиси во доверба, дека најопасно е кога тоа ќе стане нормално.

Во ваква поставеност, вториот ангажман ретко носи чувство на сигурност. Напротив.

Аналитичарите посочуваат дека системот, наместо да создава услови една плата да биде доволна за пристоен живот, индиректно ги турка луѓето кон прекумерна работа. И тоа најчесто без соодветна заштита, без придонеси, без јасна перспектива.

Посебен проблем, велат експертите, е што оваа појава ја прифаќаме без многу прашања. Како да е нормално да имаш две работи и пак да се двоумиш дали можеш да си дозволиш нешто што не е строго неопходно.

Како да е во ред постојано да пресметуваш, да одложуваш, да кратиш… и да си кажеш „ќе помине“. А времето поминува, месеците исто така, но чувството на финансиска стабилност не доаѓа.

Некои економисти укажуваат дека проблемот не е само во ниските примања, туку и во несигурноста. Луѓето работат повеќе затоа што не знаат што ги чека утре. Вториот ангажман е и психолошка заштита – ако едното падне, да има друго. Но таа заштита има цена. Цена што не се мери само во пари, туку и во исцрпеност, нервоза, краток фитил…

И тука некако, тивко, се наметнува прашањето: ако со две работи не можеш да живееш мирно, што точно не функционира? Одговорот не е едноставен и сигурно не е индивидуален. Познавачите се согласни дека ова е симптом на подлабок економски проблем, каде што трудот не е доволно вреднуван, а трошоците растат побрзо од можностите.

Работиш две работи, а пак немаш доволно. Не затоа што не се трудиш. Туку затоа што системот така е наместен. И додека се снаоѓаме, додека „врзуваме крај со крај“, останува горчливото чувство дека работиме сè повеќе, а живееме… некако на пауза. Како привремено. Само што тоа привремено, за многумина, трае предолго.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП