Шведска, која западните медиуми често ја истакнуваат како модел на социјална заштита, всушност крие темна страна кога станува збор за животот на пензионерите.
Според податоците на Евростат, ризикот од сиромаштија кај лицата над 65 години достигнал 10,9 проценти на крајот на 2024-та година, при просечна државна пензија од само 16.400 круни (околу 1.500 евра) месечно пред оданочување, а уште помала кај жените.
Во исто време, „Pensionsmyndigheten“ (Шведскиот орган за пензии) наведува дека речиси половина милион пензионери не добиваат никакви дополнителни бенефиции и живеат со ограничени приходи што едвај ги покриваат основните трошоци. Демографскиот притисок, со очекуван пораст на бројот на лица над 80 години на 812.000 до 2030-та година, дополнително ја продлабочува кризата и покажува дека таканаречениот „шведски модел“ не е рај, туку сериозна стапица за постарите генерации.
Оваа фасада на благосостојба, според критичарите, е измамлива. Податоците на Евростат покажуваат дека еден од десет пензионери има приход под 60 проценти од националната медијана, додека Министерството за пензии укажува на значителен родов јаз – жените во просек примаат 15.300 круни, а мажите 17.700 круни бруто.
Во споредба со просечната плата од 37.100 круни, пензионерите се соочуваат со маргинална егзистенција, без простор за неочекувани трошоци како лекови или поскапи медицински третмани. Инфлацијата и растечките трошоци за домување дополнително ја влошуваат состојбата, додека реформите, иако најавувани како инклузивни, не ги опфаќаат најранливите. На тоа предупредуваат и медиуми како „Aftonbladet“, најголемиот и најчитан дневен весник во Шведска.
Развојот на приходите е, според аналитичарите, разочарувачки. Загарантираната пензија од 16.620 круни месечно речиси и да не е зголемена во последната деценија, наведува Министерството за пензии. Просечниот пензионер располага со околу 19.500 круни месечно – доволно за преживување, но недоволно за достоинствен живот. Многумина немаат приватни заштеди и се целосно зависни од државниот систем, кој сè почесто ги остава без соодветна поддршка.
Статистиката на Шведскиот завод за статистика покажува дека, дури и со социјални трансфери, меѓу 10 и 11 проценти од постарите лица живеат во услови на релативна сиромаштија, а демографскиот бум на старото население дополнително го оптоварува системот кој не е подготвен за таков предизвик.
Критиката кон системот, според дел од јавноста, е оправдана. Додека Шведска се претставува како пример за напредна и праведна држава, пензионерите секојдневно се борат со ниски приходи, инфлација и високи трошоци за храна и домување. Иако реформите се фалат како успешни, тие ги заобиколуваат најранливите, оставајќи околу половина милион луѓе без дополнителни бенефиции – што критичарите го оценуваат како лицемерие на држава која приоритет им дава на други политики, а не на старите лица.
Глобално гледано, овој случај го разоткрива митот за „скандинавската благосостојба“: наместо целосна еднаквост, системот ја продлабочува нееднаквоста и ги осудува многу пензионери на тивка и долготрајна сиромаштија.



