Кинескиот производител „BYD“ ја престигна „Tesla“ и стана водечки светски производител на електрични автомобили. Ова го покажуваат податоците на „Bloomberg“ за 2025-та година, според кои „BYD“ продал 2,26 милиони возила, во споредба со 1,64 милиони продадени автомобили на американската компанија.
Според резултатите од минатата година, глобалниот пазар на возила на батерии забележал вкупен раст од 28 проценти, што довело и до промена на врвот меѓу производителите. Подемот на кинескиот производител му овозможи да го замени дотогашниот лидер во продажбата – „Tesla“.
Стратегијата за проширување на „BYD“ се покажа како исклучително успешна, особено на странските пазари. Во 2025-та година, продажбата на кинескиот гигант надвор од националните граници достигна рекордни 1 милион возила, што претставува раст од 150 проценти во споредба со претходната година. Овој поттик, поддржан од брзиот раст во Европа, му овозможи на „BYD“ да испорача вкупно речиси 2,26 милиони електрични возила („EV“), значително надминувајќи ги 1,64 милиони на „Tesla“. Покрај целосно електричните модели, „BYD“ втора година по ред продаде и повеќе од 2 милиони „plug-in“ хибриди.
„Tesla“ ја заврши 2025-та година како втора последователна година со пад на годишната продажба, односно намалување од 8,6 проценти. Четвртиот квартал беше особено тежок, со испораки намалени за 16 проценти, или околу 418.227 возила, што беше под дури и најпесимистичките прогнози на аналитичарите. Компанијата на Елон Маск се соочи со таканаречена „совршена бура“ – засилена конкуренција, асортиман на производи што сè почесто се оценува како застарен и, на крај, но не помалку важно, променетата политичка клима во Соединетите Американски Држави.
Во САД, администрацијата на Трамп го укина федералниот даночен кредит од 7.500 долари за купување електрични автомобили и ги намали регулативите за емисии, со што „Tesla“ беше лишена од милијарди долари приходи од регулаторни кредити. Дополнително, контроверзиите поврзани со политичката реторика на Маск и неговата активна улога во владините структури би можеле да предизвикаат негативна реакција кај потрошувачите во Северна Америка и Европа.
Во обид да го ублажи падот на продажбата, „Tesla“ воведе поевтини „стандардни“ верзии на „Model Y“ и „Model 3“ – потег што делумно ги разочара инвеститорите, кои очекуваа целосно нов масовен производ.
И покрај падот во својот основен автомобилски бизнис, „Wall Street“ и натаму покажува значителна доверба во иднината на компанијата, гледајќи ја сè повеќе не како класичен производител на автомобили, туку како компанија фокусирана на вештачка интелигенција и роботика. Акциите на „Tesla“ ја завршија 2025-та година со раст од 11 проценти, при што инвеститорите се насочија кон идните проекти, како што се „Cybercab“, автономно такси со две седишта, и роботакси-услугата што започна со тестирање во градови како Сан Франциско и Остин.
„Tesla“ дополнително се потпира и на енергетскиот сектор како клучна линија на одбрана. Во 2025-та година, компанијата распореди рекорден број системи за складирање енергија, бележејќи значителен раст во однос на претходната година. Сепак, предизвикот за 2026-та година останува сериозен. Со оглед на тоа што аналитичарите ги намалуваат прогнозите за продажба на возила на околу 1,8 милиони единици, „Tesla“ ќе мора да докаже дека трансформацијата кон вештачка интелигенција и автономно возење може да го компензира губењето на лидерската позиција на традиционалниот автомобилски пазар.



