Воркохоликот ретко ќе ви каже дека е воркохолик. Најчесто ќе каже дека „моментално е во гужва“, дека „ова е само фаза“, дека „мора сега да стисне, па потоа ќе биде полесно“.
Во канцеларија е прв што доаѓа и последен што си заминува, зборува брзо, мислите му се расфрлани на пет страни, телефонот не му излегува од рака.
Дома, пак, сликата е сосема поинаква. Истиот тој човек е тивок, уморен, отсутен. Телото е таму, умот одамна се вратил на мејловите, роковите и бројките што не му даваат мир.
На прв поглед, ваквиот модел изгледа како рецепт за успех. Повеќе работа, повеќе резултати. Повеќе часови, поголем напредок. Но токму тука е замката.
Реалноста, и тоа одамна покажана и во пракса и во истражувања, е дека по одредена граница продуктивноста не расте – туку опаѓа.
Колку повеќе работиш без пауза, толку повеќе грешиш. Одлуките стануваат покуси, импулсивни, често и погрешни. Креативноста исчезнува тивко, без аларм, а фокусот се распаѓа на ситни парчиња.
„Воркохолизмот не е знак на посветеност, туку на лошо управување со енергијата“, вели бизнис консултант со кого разговаравме, додавајќи дека најголемиот број пропаднати мали бизниси не згаснале поради недостиг од идеи, туку поради исцрпени сопственици.
Луѓе кои сакале сами да направат сè, да контролираат сè, да бидат незаменливи – и на крајот навистина станале незаменливи… затоа што никој друг не знаел што се случува во фирмата.
Додека воркохоликот се грижи да го „крене на нозе“ својот бизнис, незабележливо ги турка настрана работите што го одржуваат стабилен како човек.
Оброците стануваат случајни, физичката активност луксуз, сонот прекинат и плиток. Пријателите се слушаат „некогаш“, семејните разговори се скратуваат на неколку реченици. И сето тоа се оправдува со истата мисла – уште малку, па ќе има време. Само што тоа „малку“ никогаш не доаѓа.
Опасноста за бизнисот тука е сериозна. Исцрпен сопственик носи исцрпен бизнис. Тимот го чувствува тоа, иако ретко го кажува гласно. Атмосферата станува напната, комуникацијата покуса, довербата полека се разјадува.
Вработените гледаат пример во шефот, па или почнуваат да го имитираат – што води до колективен замор – или се повлекуваат, чекајќи момент да си заминат. Ни едното ни другото не е добро за раст.
„Работата по 12 часа на ден не е херојство, туку аларм“, вели психолог кој работи со претприемачи. „Мозокот не е направен за постојан притисок. Кога е преоптоварен, почнува да избира побрзи, а не подобри решенија“.
Токму тие „брзи решенија“ често се покажуваат како скапи грешки – лоши инвестиции, промашени партнерства, пропуштени сигнали дека нешто не оди како што треба.
Има уште нешто што ретко се спомнува. Воркохоликот со текот на времето ја губи способноста да ја види пошироката слика. Толку е внатре во секојдневните задачи што не забележува каде оди бизнисот, дали пазарот се менува, дали клиентите имаат нови потреби. Тој работи многу, но не секогаш на вистинските работи. А тоа е можеби најопасната комбинација – многу труд, мал ефект.
Парадоксално, најуспешните бизниси често ги водат луѓе кои знаат кога да застанат. Кои имаат време да размислат, да прошетаат, да разговараат, да се оддалечат малку од секојдневниот хаос.
Не затоа што се помалку посветени, туку затоа што разбираат дека одморот не е награда, туку алатка. Без него, машината почнува да чкрипи, па да откажува.
Б.З.М.



