Годинава нема или засега не се предвидени избори што е едно олеснување за водење на бизнис од страна на стопанствениците. Бизнисот бара предвидливост, а експертите храбри чекори во однос на економските политики. Власта пак е убедена дека економската активност во 2026 година ќе биде на едно солидно ниво. Секако земјава ќе биде и натаму под ризик како на домашните така и на меѓународните случувања кои и тоа како влијаат врз резултатите кои ги испорачува македонската економија.
Постојат поструктурни поместувања или тоа го предвидува буџетот за оваа календарска година, но потребни се подобра фискална консолидација, потребни се подлабински реформи со кои ќе се подобри македонската економија. А тоа може да си го дозволи владата бидејќи во моментов ја има апсолутната власт, како на централно, така и на локално ниво. Ова е ставот на Институтот за економски анализи Finance Think.
„Сега или годинава е моменот за похрабри чекори, за похрабри одлуки за реформи како на расходната така и на приходнаа страна. Опимизам дава пореалната слика за капиталните инвестиции, кои за разлика од други години се крателе или биле на удар секогаш кога имало слаба реализација во дадени институции и тие средства се реалоцираат во тековните расходи, затоа што низ годините сме покажале дека нашиот капацитет за реализција на капитални инвестиции е толкав. И сега треба да се фокусираме на целосна реализција на така проектираните капитални проекти, и калитетна реализација се со цел да дадат ефект“, велат од Finance Think.
Бизнисот веќе ги испрати барањата до властите. Стопанствениците веќе очекуваат дека во приоритетите ќе биде економијата во годината што е пред нас. Според Стопанската комора земјава мора да се фокусира на извозот, градежништвото и металната индустрија.
„Комората алармира дека една мала земја како нашата, за да опстане, мора да има раст на БДП-то поголем од 5% и да го зголемува постојано извозот. Денеска можеме да констатираме дека раст на БДП од над 5% сме имале само во 2008 година, а денес извозот изнесува 7,64 милијарди евра. Фактите со години се истите, непроменети а тоа се извозот е концентриран во преработувачката индустрија и опфаќа над 85% од вкупниот извоз. Во моментов нашите компании извезуваат само 370 производи со вредност над милион долари. 95% од македонскиот извоз се пласира само на 25 пазари.
Од владата пак сметаат дека македонската економија се движи по правиот пат. Невработеноста се намалува, растат платите, па дури и дел од граѓаните кои претходно ја напуштиле државава почнале да се враќаат дома, во Македонија.
„Фискалната политика за 2026 година ќе биде насочена кон одржување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност. Ќе продолжиме со мерки за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи. Буџетот ќе се темели на реални проекции – приходите ќе се планираат според реалните можности, а расходите ќе бидат насочени кон стратешки приоритети. Исто така, ќе продолжи постепената фискална консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии, со цел поголема ефикасност и одговорност во трошењето на буџетските средства. Ќе се намалуваат несуштинските расходи, а поддршката за граѓаните и стопанството ќе се спроведува по јасни критериуми и со засилен мониторинг“, велат од Владата.
Тоа што е загрижувачки за експертската јавност за оваа година се најавените нови задолжувања кои според планот ќе надминат една милијарда евра. Дел од парите ќе бидат за враќање на стари долгови, а остатокот за финансирање на буџески дефицит кој е проектиран на ниво од 3,5 отсто.
И.П



