Многумина си го велеа тоа синоќа на полноќ: „Оваа година почнувам своја работа“. А потоа утрото ги дочекува тивката реалност – празен календар, празна сметка и едно прашање што не дава мир: дали е паметно да се стартува бизнис баш на 2 јануари?
Чуден датум, со своја симболика. Од една страна свежина, мотивација, „нова страница“, а од друга – психолошки притисок и финансиски ризик, кога пазарот е уште успиен и граѓаните подзадолжени од празниците. Тука некаде почнува дилемата.
Психолозите велат дека 2 јануари може да биде силен психолошки поттик, но и стапица.
„Новогодишните одлуки често се полни со еуфорија, не со план. Мотивацијата трае кратко ако нема структура, па луѓето стартуваат со ентузијазам кој за две недели се истопува“, ни рече Љубица Маџовска, социолог.
Според неа, подобро е прво да се изгради темел, па дури потоа да се впише датум.
„Почетокот на годината е добар момент, но не затоа што првиот работен ден е 2 јануари, туку затоа што човекот е подготвен. Ако нема систем, 2 јануари е само датум, ништо повеќе“, вели Маџовска.
Од финансиски аспект, сликата е поинаква. Сметководител со долг стаж, кој побара да остане анонимен, вели дека најголемиот проблем кај оние што стартуваат веднаш по празниците е недоволниот капитал и неправилното очекување дека „ќе тргне само од себе“.
„Јануари е месец со намалена потрошувачка. Луѓето штедат, фирмите сè уште не вложуваат, а државните институции доцнат со плаќања. Кој стартува без кеш-резерва барем за три месеци, си прави финансиска замка. Ова е факт, не песимизам“, вели нашиот соговорник.
Неговиот заклучок е краток: „Ако мора да почнеш на 2 јануари, почни, ама да знаеш дека тие први недели не се стартна рампа… туку трчање во магла“.
А има и една трета група – оние што сметаат дека нема „совршен момент“.
Тони, кој пред две години отвори мал дуќан за поправка на техника на 2 јануари, признава дека тргнал со погрешни очекувања.
„Си мислев – нова година, нов живот, ама не беше така. Ми требаа два месеца да дојдат првите муштерии како што треба. Сега не жалам, ама да можев да вратам, ќе почнев на 15 јануари, со расчистени сметки и мирна глава“, објаснува Тони.
Тој додава нешто што останува да виси меѓу редови: „Лесно е да кажеш ќе почнам. Потешко е да издржиш“.
И тука доаѓа психолошката замка: некои луѓе врзуваат премногу лична вредност за датумот на стартот, па кога нешто ќе тргне лошо веднаш се чувствуваат како да пропаднале. А не пропаднале, само тргнале несинхронизирано со пазарот.
Понекогаш најпаметно е прво да се испланира, па потоа да се фати таа симболична „прва брзина“. А понекогаш мора да се ризикува. Никој не може да го одговори прашањето наместо тебе.
Се сведува на едно: 2 јануари не е магија. Ако има стратегија, кеш-резерва, психолошка зрелост и јасни очекувања – може да биде добар старт.
Ако е само момент на еуфорија и бегство од старата година, ќе се распадне уште пред да стигне првата сметка за струја.
Некои работи мораат да се кажат директно. Паметно е да се почне кога си подготвен, а не кога календарот е празен.
Иако, да… убаво е кога се поклопува. Само што животот ретко се поклопува. И така… останува едно прашање без целосен крај, ама можеби баш затоа е чесно да остане вака недовршено…
Б.З.М.



